Ако Артан Груби е во Косово, прашање е како би се одвивала…
19.12.2024
Сподели:
Фото: Алфа Вести
Ако Артан Груби е во Косово, прашање е како би се одвивала екстрадицијата и враќањето на функционерот дома со оглед на досегашното искуство што го имаме за враќањето на македонски државјани со албански пасоши кои нашле прибежиште во Косово. Што се однесува до Артан Груби, македонското Министерство за правда во моментов и не може да побара екстрадиција со оглед на тоа што екс првиот вицепремиер е во бегство, не е уапсен, а и не се знае точно каде се наоѓа. Имаше информации, дека Косово, било попатна станица на Груби на патот кон неговата конечна дестинација – Тирана. Според познавачите на политичките прилики, надеж дека Груби би можел да ни биде испорачан, доколку е во Косово, гледаат во позицијата на премиерот Албин Курти кој за време на последните парламентарни избори во Македонија, изгради блиски врски со владејачката албанска коалиција Вреди, па дури имаше и свој кандидат на нивната пратеничката листа. Инаку, косовските власти со години го одолговлекуваат екстрадирањето на убијците од Смилковското езеро кои и по една деценија слободно се шетаат во Приштина. Македонското министерство за правда информира дека се уште нема одговор по најновото барање за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотна робија за масакрот врз младите момчиња и рибарот што се случи во пресрет на верскиот празник Велигден во 2012. Од Министерството додаваат дека комуникацијата со косовските власти и понатаму продолжува. Се уште немаме одговор. Комуникацијата со косовското Министерство за правда продолжува. Не треба да дозволиме ова прашање да ни биде пречка во меѓусебната поддршка, велат од Министерство за правда. Според последните информации, барањата за есктрадиција на Демири и Исмаиловиќ се процесуирани во косовското Јавно обвинителство. Македонскиот министер за правда Игор Филков доби ветување од министерката за правда на Косово пред два месеци при нивната билатерална средба што се одржа таму дека набргу ќе има одговор. За Лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ првпат е побарана екстрадиција уште во 2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина во октомври 2015 година, а потврдено е и од Апелациониот суд на Косово во јануари 2016 година. Потоа, Македонија повторно бара враќање на убијците дома, во 2018. По три години во 202, Министерството за правда на Косово одбива да го екстрадира Исмаиловиќ, а за Демири не даде никаков одговор. Се што косовските власти побарале од Македонија, им било доставено. Трет обид да се вратат осудените убијци и да се соочат со доживотна казна затвор, направи министерот Игор Филков.