Со цел задржување на СДСМ на власт, службите и тајната полиција пет години живееле во животите на цели семејства, меѓу кои и на Христијан Мицкоски, на новинари, на обвинители и бизнисмени, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму порачуваат дека од партијата на Филипче, признале оти Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање со години прислушувале и следеле, поради што мора да има одговорност.
Пратеникот Бране Петрушевски, вели дека од СДСМ прво треба да се извинат на граѓаните, а потоа да повикаат на одговорност за поранешните директори на АНБ и АР, Виктор Димовски и Еролд Муслиу, како и за Љупчо Коцевски, кој тогаш бил надлежен за проверка на посебните мерки на следење.
-СДС од петни жили ги штити сите кои ги злоупотребувале институциите, затоа што очигледно работеле по партиска задача. ЈО не смее со денови да молчи и да не презема никаква акција. Загрозена била приватноста на голем број луѓе цели 5 години. Службите влегле во нивните животи, со цел да го забават падот на СДС од власт и нивно што подолго одржување, а со цел распродажба на државните интереси и правење на криминал, изјави Петрушевски.

Иако станува збор за материјали кои можеби не смеат да се објават, поради нивната сензитивност, од СДСМ повторно повикуваат на декласифијација.
-Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите. СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење? Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу?, изјави партиската портпаролка, Богданка Кузеска.
Овој скандал добива уште поголеми размери, откако премиерот откри дека покрај него во текот на минатите години следени биле и неговите малолетни деца. Мицкоски потенцира дека тоа јасно се гледа од документите до кои имал увид. Според него прислушувањето и следењето го вршела една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт.
-За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми, изјави Мицкоски.
Покрај актуелниот премиер Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Николоски, поранешниот министер за внатрешни работи Спасовски, според информациите следени биле и контроверзната поранешна шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, бизнисменот Орце Камчев, новинари и други јавни личности.
Според некои извештаи, мала група во АНБ „ја киднапирала“ институцијата и ги користела ресурсите за лични и политички цели, вклучително и за влијание врз притвори, како и издавање на безбедносни сертификати. Во тој период републички јавен обвинител беше Љубомир Јовевски, но сепак надележен за проверка на посебните мерки бил сегашниот шеф на Обвинителството Љупчо Коцевски.
Матеја Петровски
