Владата утре ќе одлучува дали ќе прогласи кризна состојба на пазарот со струја. Државните електрани го побараа ова со писмо до Владата поради отежнатата набавка на енергенси како последица на секојдневните блокади на грчките земјоделци. Министерката за енергетика Сања Божиновска уверува дека нема да има проблеми во снабдувањето со енергенси. Доколку РЕК Битола не може да се снабди, односно да го доведе мазутот до македонска територија, ќе се активираат државните резерви. Тие с едоволни за 47 дена. Божиновска сепак вели дека најавите се дека граничните премини со Грција – Дојран, Меџитлија и Богородица ќе бидат проодни за празниците.
„Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо бидејќи државата има резерви на мазут. Тоа значи ако знаете дека има протести со Грците и повеќе 30 дена има неможност да се набави мазут, тоа значи дека државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите“ – вели Сања Божиновска – министерка за енергетика.
Амбициозна агенда на енергетски план за 2026-та година. Со годишниот план за 2025-та, планирани се инвестиции од околу 1,4 милијарди евра кои треба да стартуваат догодина. Министерката за енергетика е горда што ќе се градат енергетски капацитети со вкупна моќност од 1.265 мегавати. Заинтере4сираноста на инвеститорите за вложување во енергетски капацитети е голема и за 2026-та. Пристигнале барања за изградба на објекти со вкупно 10.950 мегавати моќност. Поради големиот број на нови инвестиции, преносниот оператор МЕПСО ќе треба интензивно да работи на зајакнување на мрежата.

„Од овие 1.265 мегавати, хидроцентрали се 15, фотонапонски се 812, ветерни се 426 и уште 11 се за биомаса. Во финална фаза е прегледувањето на сите документи. Првпат имаме и интегрирани и изолирани складишта. За изолирани складишта имаме 675 мегавати, а интегрирани се само 93“ – вели Сања Божиновска – министерка за енергетика.
Интензивно се работи и на изградба на интерконекторот за гас со Грција кој треба да биде готов во пролетта 2027-ма година. Се разговара и овој интерконектор да продолжи до Србија во близина на Врање. Двете држави ги прават финалните подготовки за заедничкли да побараат финансии за изградба од Светска Банка. Паралелно на ова, преносниот оператор МЕПСО ќе објави и која фирма ќе го гради далноводот до Албанија, откако претходно поради неисполнување на обврските беше раскинат договорот со босанската „Енергоинвест“. Овој проект кој поради разни причини се одложува со години е од огромно значење, бидејќи ќе го олесни преносот и тргувањето со струја од Бугарија, преку Македонија и Албанија, до Италија.
