Индустриската зона „Жабени“ чиј основач е Општина Битола во рамки на меѓународен проект ќе соработува со индустриски зони од држави на Западен Балкан и ЕУ, информира градоначалникот Тони Коњановски.
На редовна, месечна средба со новинарите, градоначалникот Коњановски ги соопшти актуелните инфраструктурни проекти на локалната самоуправа кои се реализираа со општински средства, но и со владина поддршка од т.н. „унгарски кредит“.
-Во Будва, Црна Гора, потпишав меморандум за соработка на индустриската зона „Жабени“ која во иднина ќе соработува со шест индустриски зони од исто толку држави од Западен Балкан и Европската унија. Потпишувањето го извршивме во присуство на високи претставници на ЕУ, со што и официјално се создадоа услови за директна соработка и деловно поврзување на индустриските зони. Иницијативата беше во рамки на Берлинскиот процес и тоа за нас е од посоебно значајно, бидејќи Битола влезе во проект кој овозможува развој на општинската индустриска зона, но и нови инвестиции, истакна Коњановски.
Од Општина Битола денеска потврдија дека е во завршна фаза и наскоро во Старата чаршија ќе биде промовиран парк со споменик на доајенот на македонската народна музика Јонче Христовски.

