Власта и опозицијата да соработуваат во клучните области кои ќе ни помогнат да напредуваме на патот кон Европската Унија, а гласот на граѓанскиот сектор да се слуша повеќе. Невладините организации, пратениците и претставниците на извршната власт со една порака – членството во ЕУ е стратешка определба но заедно сме посилни во исполнувањето на обврските и решавањето на домашните задачи.
Без разлика од кој политички ентитет доаѓаме, сите имаме заедничка цел, стратешка определба е членство во ЕУ и заеднички треба да работиме. Берлинскиот процес и Реформската агенда се процес на заедништво, да станеме посилни и поконкурентни. Со заеднички напори можеме да одиме напред кон подобри денови. Регионално обединување, нашите слабости да ги претвориме во можности и да се доближиме до европските стандарди и вредности. Улогата на парламентите на регионален план е многу важна, истанка заменик-министерката за европски прашања, Трајков.
Од Институтот за демократија велат дека државата треба без одложување да ги донесе законите од Реформската агенда и да ги исполни обврските од Берлинскиот процес.

Реформската агенда е нешто на што мора целосно да се посветиме без изговори и доцнење. Ја следиме и перцепцијата на јавноста за работата на собранието, имаше зголемување на онаа сеопшта оценка, значи мало подобрување на години стагнација… Другите закони на кои се чека, пред сè во судството, има застој. Имаме грејс периоди од ЕК но не смееме да ги користиме пречесто бидејќи тоа ја намалува нашата реформска кондиција, истакна Марко Трошановски, Институт за демократија „Социетас Цивилис“.
Опозициските пратеници забележаа на доцнењето на одредени закони од Реформската агенда. Додека пак, од владејачкото мнозинство стигна порака дека, додека ние работиме на домашната задача, ЕУ треба да покаже поголема посветеност на проширувањето.
Реформите ќе ни овозможат повисок стандард. Она што загрижува, од 2021 кога имаше Самит на БП, тогаш проширувањето е стратешка цел за мир, демократија, безбедност и стабилност во Европа и тоа се однесува на МК и ЗБ. Истата теза ја имаме и денес во 2025… Но ние се уште сме во чекалната. За голем поздрав е меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од БП. Надзор на реформите. Имплементацијата оди споро. Мора во парламентот да има повеќе дебата, и да нема закони со скратена процедура, истакна пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.
Не кај сите земји членки на ЕУ, проширувањето е приоритет. Сè повеќе се зборува за интеграција, а не за полноправно членство. Тоа не е случајно. Мислам дека тоа дава една димензија на тоа за што во моментов има консензус, а за што нема. Но да не е тоа оправдување за неисполнување на обврските. Само заеднички би можеле да направиме исчекор напред, по однос на било која агенда, истакна претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски.
Во меѓувреме, ЕУ го поздрави напредокот на Македонија и најави поддршка за реформите. На состанокот помеѓу министерот за европски прашања Муртезани и претставничката на Европскиот совет Ана-Марија Бура било истакнато дека мора да се забрза динамиката на македонските евроинтеграции.
