На температури кои се искачуваат над 35 степени, скопјани секојдневно влегуваат во автобуси – не само без клима, туку и со реална опасност да се запалат. Во последните 12 месеци – најмалку четири автобуси на ЈСП изгореа, а еден со дефект заврши директно во жардињера.
Пред речиси една година, на 30 јули 2024, автобус на ЈСП се запали во движење, на жештини над 38 степени. Тоа беше вториот пожар за тој месец, откако само три недели порано, на 9 јули, се случи сличен инцидент со друго возило. Иако летото тогаш допрва започнуваше, возилата веќе откажуваа, а граѓаните пријавуваа дека во автобусите се шири мирис на чад и нафта. И по една година се уште постои страв кај патниците да се возат и да го користат градскиот јавен превоз.
Во јануари 2025, ЈСП Скопје остана без уште еден автобус, кој се запали во Сопиште. Меѓу бројните инциденти во ЈСП е и случајот автобусот кој поради дефект заврши во жардињера. Возачот почина набрзо по инцидентот, поради како што изјавија од синдикатот, притиоците што му биле вршени.. Пред трагичниот исход, возачот неколку пати алармирал дека возилото е неисправно.

„Двоспратните автобуси, тие се од Кина, тие моментално се побезбедни, за да не се запалат, а овие ниските еднокатни што се, тие „Укрански“, што се, тие се поризчни. Мене ми е страв да се возам во нив. Имаше денеска осум возила кои беа повлечени во гаража, поради клима, поради високите температури, поради кои се загреваат“, изјави Меџит Идризи генерален секретар на Спајс и потпретседател на синдикалната организација при ЈСП Скопје.
ЈСП сè уште молчи. Но, во меѓувреме, Скопје доби шест нови еколошки автобуси донација од Европската Унија, како мала светла точка во мрачната слика на јавниот превоз.
Владата, пак, најавува промена на сликата: одобрени се сретсва за проекти поврзани со животната средина, меѓу кои и набавка на 120 електрични автобуси – но додека тие стигнат, граѓаните и понатаму се возат на ивица од ризик. Зашто друг избор – немаат.
