Телевизија Алфа- Баба Рога за СДСМ. Партијата и самиот партиски лидер последниве денови влегоа со директен напад на нашиот медиум, телевизија со национална концесија, само затоа што не им се допаѓа уредувачката политика. Ваквите потези на социјалдемократите се целосно спротивни со вредностите на едно демократско општество, каде што прво и основно правило, кое треба да го почитуваат партиските лидери, е воздржување од лепење етикети на медиуми и новинари, без разлика дали им се допаѓа или не она што се прашува.
СДСМ сега најде и некаква нелогична поврзаност на Телевизија Алфа и Алта банка, прашувајќи дали поради банката Алфа го имала своето лого.
-Дури и логотипот на Алфа и Алта се толку идентични, облик, знак, боја. Дали затоа Алфа ТВ го смени логото, бојата и изгледот? Случајно? Сега е сè кристално јасно, констатираат помалку и чудно од СДСМ.

Ваквата реакција на социјалдемократите покажува и основно непознавање на фактичката состојба. Телевезијата која со емитување започна на трети јуни 2008-ма година, своето лого го промени на стартот октомври 2019-та, додека Алта банка е формирана на крајот март 2020-та, односно после повеќе од пет месеци од ребрендирањето на Алфа.
И покрај јасните факти кои покажуваат дека нема никаква поврзаност, СДСМ денеска преку соопштение реши да поставува прашања до нашиот медиум, а едно од нив повторно поврзано со приватна банка.
-И на крај, ве молиме за коментар зошто вашиот логотип, односно знакот на телевизијата, ги има истите графички елементи како Алта банка?, помалку и чудно повторно прашуваат од СДСМ.
Но директните напади кон Алфа не доаѓаат само од партиските соопштенија, туку и од устата на Филипче. Наместо да одговори дали е точно дека тој и Заев преку притосоци и ургенции во Обвинителството ,сакале да ја преземат болницата „Жан Митрев“, тој не нападна дека шириме лажни вести и обвини за дефокус.
-Еве гледаш, не знаеш ни што ме праша. Нема да одговорам на прашања од кујната на ВМРО-ДПМНЕ. Дефокус фејк њуз Aлфа мене ме обвинуваат дека имам куќа во Нерези, доаѓаше ваш колега новинар, и што се случи таму ништо, и ова е истата работа, имате одговорност за објективно информирање на јавноста, не за вакви црни кампањи и дискредитирање, изјави Филипче пред два дена.
А оваа ситуација како да беше само реприза на она што се случи пред десет дена, кога од Филипче побаравме објаснување за навредливите партиски соопштенија полни со лични дисквалификации за новинари. Наместо одговор, напад.
-Престанете со пропагандата на ВМРО ДПМНЕ, престанете со фејк њуз и дефокусот, изјави Филипче на 9-ти јануари годинава.
Очигледно Филипче има ментор од кој учи однос кон медиумите, бидејќи слични напади кон Алфа пристигнуваа и од поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. На прес конференција пред повеќе од години, откри работи кои според закон не смее да ги знае, дека Финансовата полиција водела истрага против Алфа.
-Не ја прифаќаме, не ја прифаќаме на Алфа телевизија, бидејќи вие ќе видите зошто, изјави Заев на 5-ти март 2020-та.
-Посебно во моментот каде што според мене се прави сериозна истрага, порача Заев запрашан за гостување во Алфа телевизија, изјави Заев на петти март 2020-та.
Алфа му пречеше на уште еден поранешен лидер на СДСМ, екс премиерот Димитар Ковачевски. Го обвини нашиот медиум дека наликувал на партиски сектор за комуникации, а друг медиум пак бил трговец со енергенси.
-Во државата има медиум чија што уредувачка политика повеќе наликува на компанија која тргува со енергенси, а има и медиум чија што улога повеќе личи на партиски сектор за комуникации, изјави Ковачевски на 16-ти јануари 2023-та.
Инаку ова не се единствените напади кон нашиот медиум, на прес конференции Алфа често беше под напад и на други функционери од СДСМ, меѓу кои Радмила Шекеринска и поранешниот министер без ресор задолжен за медиуми Роберт Поповски.
Матеја Петровски
