Школскиот прибор е товар на семејниот буџет, особено за родителите кои имаат првачиња.
Владата најави и оствари поевтинувања на тетратките, блоковите, боите, гумите, моливите, острилките и се останато што им е потребно на учениците за новата учебна година.
Граѓаните, во најголем дел, велат дека мерката „училишна кошничка“ е и повеќе од добредојдена.

- Асортиманот е супер, купив се што треба за внучињата, така да ок е.
- Дечките беа супер, љубезни. И еве, мислам дека е потврдено дека стварно има попуст.
- Да нормално е дека е поевтино, нормално е дека има поевтинување во цените и олеснување нели во домашниот буџет севкупно гледано.
- Секоја помош е добредојдена.
- Мислам дека не се поевтини. Ма да, намалување за 10 или 15 посто, тоа е смешно.
При нашата обиколка низ Скопските книжарници забележавме дека налепниците „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како и попустите се истакнати на виделина.
Од Министерството за економија велат дека преку Државниот инспекторат ја следат примената на оваа мерка. Досега се спроведени повеќе од 100 надзори во над 300 објекти како што се книжарници, маркети и трговци на големо.
Според досегашните контроли, мерката генерално се почитува, со мали забелешки кои се коригираат на лице место, но не се утврдени прекршувања за кои би се изрекле казни. Целта е да обезбеди пристапни цени на најпотребните училишни производи за родителите и учениците, и ние ќе продолжиме со редовни контроли сè до завршување на периодот на нејзино важење.
Мерката „училишна кошничка“ се спроведува по вторпат. И минатата година таа им заштеди на родителите по најмалку илјада денари по ученик.
Новинар Кристијан Ниновски

