Реклама
Економија

Славески: Mожна e корекција на основната каматна стапка ако има натамошни инфлациски притисоци

Доколку има натамошни притисоци врз ценовното ниво, ќе реагираме со корекција на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Доколку има натамошни притисоци врз ценовното ниво, ќе реагираме со корекција на каматните стапки нагоре, но конечната одлука ќе зависи од расположливите податоци за инфлацијата и за нејзините движења во наредниот период – вели гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов.

Тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кои, по период на дезинфлација, повторно бележат забрзување во март и април под влијание на надворешни фактори, пред сè, на растот на цените на енергентите.

Славески појасни дека претходно економијата била блиску до стабилизирање на инфлацијата на ниво од речиси 2,5 проценти, но дека последните геополитички случувања придонеле за промена на трендот и за зголемена неизвесност кај ценовните движења.

Реклама

Тој истакна дека монетарната политика мора да биде внимателна и балансирана бидејќи пребрзото затегнување може да предизвика забавување на економскиот раст, а задоцнетата реакција може да доведе до вградување повисоки инфлациски очекувања.

Гувернерот додаде дека основната каматна стапка е главниот инструмент во одржувањето на ценовната стабилност, но дека Народната банка располага и со други инструменти, вклучително и макропрудентни мерки за зачувување на финансиската стабилност.