Кабинетот на министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, денеска во Владата одржа координативен состанок на техничко ниво со претставници на донаторската заедница, меѓународни организации и амбасади.
Целта на состанокот, како што соопштија од ресорното Министерство, била зајакнување на институционалната координација и партнерската соработка помеѓу релевантните институции, донаторите и меѓународните партнери, кои активно учествуваат во креирањето и спроведувањето политики и проекти за инклузија на Ромите.
– Во рамките на состанокот беше нагласена потребата од унапредување на меѓусебната комуникација, размената на информации и координацијата на активностите, со цел обезбедување поефикасна, покохерентна и одржлива имплементација на мерките и активностите предвидени во Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030 – стои во соопштението од Кабинетот на министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите.

Учесниците, додаваат, ја потврдиле подготвеноста за натамошна заедничка соработка и координирано дејствување во насока на подобрување на условите и можностите за ромската заедница преку инклузивни политики и конкретни активности на национално и локално ниво.
Координативниот состанок, се посочува, претставува значаен чекор кон зајакнување на партнерствата и обезбедување поефикасна имплементација на стратешките приоритети за ромска инклузија во земјата.
