Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Горан Ангеловски и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевси, денеска потпишаа Меморандум со кој се воспоставува институционална рамка за заеднички активности насочени кон унапредување на безбедноста во сообраќајот и јакнење на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот.

Со Меморандумот, како што информираат од РСБСП, се предвидува соработка на двете институции при реализација на информативни и едукативни кампањи, координирани иницијативи и активности за подигање на јавната свест, со цел намалување на ризиците и последиците од сообраќајните незгоди и унапредување на заштитата на животот и здравјето на граѓаните.
Посебен акцент ќе биде ставен на развојот на сообраќајното образование, сообраќајно-превентивната работа, иницирањето мерки за зголемување на безбедноста на патиштата и улиците, како и следење и анализа на состојбите во сообраќајот.

Од двете институции посочуваат дека соработката ќе придонесе и за поголема поддршка на кампањите за подигање на јавната свест за безбедно и одговорно однесување во сообраќајот.
Меморандумот се темели на законските надлежности и обврски на двете институции кои произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми, Законот за безбедност на сообраќајотна патиштата и другата релевантна законска и подзаконска регулатива.
