Како Катица Јанева од затвор, зад решетки успеа да ги префли предметите на СЈО во наделжност на Основното јавно обвинителство, тогаш предводено од Љубомир Јовески? Како биле изнудувани искази од заштитени сведоци за случајот 27-ми април, преку кои беа донесени драконски казни за случај ни помалку ни повеќе тероризам? Како специјалните обвинители си делеле солени бонуси од парите на граѓаните. Пред новиот републички јавен обвинител Ненад Савевски, е и повеќе од тешка задача, а една од главните цели ќе биде да се најде одговор токму на овие прашања и да има одговорност. Премиерот Христијан Мицкоски од седницата за пратенички прашања, порача дека новиот главен обвинител, мора да почне да ја враќа довербата во правосудството, која со години е и повеќе од катастрофална.
-Како се случило да Катица Јанева тогаш од затвор, повторно ги овие предмети актуелизира и ги префрли во Обвинителствата, таму каде што беа заедно со тогашниот државен јавен обвинител, ова е многу важно, ова мора да се знае, за иднината на оваа земја. Како се судеше група луѓе за тероризам и врз основа на кои докази, и како се изнудуваа изјави од тогаш т.н. заштитени сведоци, изјави Мицкоски.
Пратениците од коалицијата на ДУИ пратеничките прашања ги искористија за нови провокации. Скендер Реџепи Зејд го праша Премиерот, дали во Македонија било задолжително да се знае македонскиот јазик. На што доби одговор, дека според Уставот тој е службениот јазик во државата, а статусот на другите јазици се определува согласно членови во законот за јазици.
-Дали познавањето на македонскиот јазик е задолжително, зошто има потреба да им се преведува на албански јазик?, праша Реџепи Зејд.

-Споменавте за познавањето на македонскиот јазик, според Уставот тој е официјален јазик на целата територија, но гледам еве не ви требаат слушалици, но ако ги ставите слушалиците ќе имате превод од ова што го зборувам и на албански јазик. И не ми пречи мене албанскиот, ниту турскиот ми пречи, ниту српскиот, ниту бошњачкиот, нути ромскиот, ниту англискиот, ниту францускиот, ниту еден јазик не ми пречи на светов и нема да ми пречи, одговори Мицкоски.
Македонските граѓани можат да бидат спокојни драстични поскапувања нема да има на прехранбените производи, одговори министерот за економија Бесар Дурмиши на пратеничко прашање на координаторот на пратениците на СДСМ, Оливер Спасовски. Вели инспекторите се цело време на терен, со цел да спречат евентуални злоупотреби на трговците.
-Сите сме сведоци дека ова е глобална криза која што настапува и таа глобална криза сигурно дека ќе предизвикува негативни ефекти и врз македонската економија, изјави Спасовски.
-Како Министерство сме подготвени со конкретни мерки, ако има енормно зголемување на прехрамбените производи, изјави Дурмиши.
Пратениците интерес покажаа и за енергетската состојба во државата. Мицкоски одговори дека во услови на енергетска криза, компанија од Македонија успева да снабдува неколку аеродроми со керозин. Премиерот вели дека од држава за потсмев,, сега сме фактор на енергетската стабилност. Тој најави и дека во април ќе пораснат и платите на здравствените работници, а буџетот во здравството ќе биде приближно една милијардна евра, ќе има инвестиции во болници и клинички центри. Премиерот кажа и дека во услови на криза и наследени проблеми имаме највисок раст на БДП во регионот и гледано просечно по кварти, тој е два пати подобар од времето на СДСМ и ДУИ.
Матеја Петровски
