Превозниците први на удар поради поскапувањето на горивата. Откако цените на бензините се покачија за 12 денари, а дизелот за дури 21 денар во два наврати за само 7 дена, транспортерите алармираат дека се во незавидна состојба. Поради големата конкуренција, не ги покачуваат цените и се обидуваат да ги држат на исто ниво. Најголем ризик им е возењето на територијата на Македонија бидејќи трошоците за гориво се дури 50% од цената на превозот. Засега балансираат со цените, за да не се покачи драстично превозот, а со тоа и да поскапат цените на производите. Со секој изминат ден, конкурентноста им се намалува. Од Макамтранс бараат Владата да интервенира и да овозможи поврат на платената акциза, поголеми дневници за возачите кои ќе бидат ослободени од персонален данок, како и поажурен поврат на ДДВ од други држави.
„Често пати нашите превозници успеваат да бидат конкурентни со тоа што прават калкулација колку можат да вратат ДДВ за гориво, за патарини кајшто има и на тој начин ги држат цените за да можат да ги покријат трошоците, а овие средства кои подоцна се враќаат да им бидат заработувачка онаа што е планирана. Минимална, но да не биде негативна“ – вели Билјана Муратовска – МАКАМТРАНС.
И покрај поскапувањето на горивата, цените на производите се на стабилно ниво. Сепак, колку подолго трае неизвесноста поради воениот конфликт на Блискиот Исток, толку е поголем притисокот врз цената не само на нафтата, туку и воопшто на сите енергенси. Според аналитичарите, ова може да повлече и пораст на цените на производите, но за колку би било тоа зависи од учеството на трошоците за гориво во крајната цена на чинење.

Владата засега будно ја следи состојбата. За две недели цената на нафтата на светските берзи се зголеми од 72 долари на 103 долари за барел. Премиерот претходно најави дека можностите вклучуваат интервенции прво во делот на намалување на ДДВ од 18 на 10%. Тоа значи дека ако сега се плаќаат 14 денари ДДВ за дизел кој чини 92 денари, поевтинувањето би било речиси 6 денари пол литар. Најавите се дека ако потоа ако се исполнат услови можно е и кратење на акцизата за 1 до 4 денари. Во моментов, се плаќа акциза од 22 денари за бензините и 15,5 денари за литар дизел. Стоковите резерви се стабилни и содржат деривати доволни за 62 дена.
