Реклама
Економија

Димитриеска Кочоска: Економијата е стабилна и подготвена за идни предизвици

Македонската економија стабилна и подготвена за евентуална криза со енергенси. Откако нафтата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонската економија стабилна и подготвена за евентуална криза со енергенси. Откако нафтата поскапе од 72 на речиси 89 долари за барел за   неполна недела поради воениот конфликт на Блискиот Исток, од Владата смируваат. На вчерашниот состанок со надлежните, нафтените компании информирале дека имаат доволно залихи. Министерката за финансии вели дека потреба од паника нема. Инспекциите извршиле преку 100 контроли за само неколку дена, кои покажале дека фирмите совесно работат и покрај тоа што не исклучува дека има поединци кои ќе сакаат да профитираат на грбот на возачите. Доколку регулаторната комисија подрастично ја зголеми цената на нафтените деривати во понеделник, се отвораат и можности за прогласување кризна состојба и активирање на нафтените резерви. Во таков случај, законски, Димитриеска Кочоска вели дека има можност и да се намалат ДДВ и акцизите за 1, 2 или 4 денари по литар.

„Нема потреба од создавање паника, а законите имаат предвидено се и институциите ќе постапат. Сите ја следиме состојбата и соодветно ќе реагираме. Во законот за акцизи има автоматски стабилизатори. Тоа значи, ако се прогласи кризна состојба во државата, по автоматизам министерот за финансии носи одлука за промена на износот на акцизата. Ако е цената на нафтата оди нагоре, намалувањето е 1, 2 и 4 денари зависно од тоа во кој праг влегуваме. Но, состојбата ја следиме, се е под контрола. Нема потреба граѓаните да чувствуваат паника“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии.

Во вакви кризи, први на удар се секогаш превозниците. Вицепремиерот Александар Николоски вели дека транспортните трошоци можат да се зголемат, но и дека тие имаат пониски трошоци за регистрација и разни давачки, што ги одржува поконкурентни во однос на европските компании. Вели дека доколку нашите превозници работат во некоја европска држава, нивниот превоз би бил за 300 проценти поскап.

Реклама

„Во овој момент не очекуваме флуктуација на цените на услуга, нашиот транспортен сектор сега поради поволностите како што се персоналниот и данокот на добивка, од 10%, а за реинвестирана добивка воопшто не се плаќа данок. Кога излегуваат на европскиот пазар со оваа даночна политика и со релативно ниски придонеси за пензиско и здравствено осигурување е доста компетитивен на европсикот пазар. Подолго време водиме битка во однос на новите правила на ЕУ, тоа делумно е бирократија, а делумно конкуренција имајќи предвид дека нашите превозници се доста конкурентни. Сум зборувал со неколку посериозни странски инвеститори во државава и кога би работеле со превозници од нивните матични држави превозот би им бил поскап за 300 до 350%“ – вели Александар Николоски – Вицепремиер и министер за транспорт.

Македонската економија е добро подготвена за периодот што претстои. Минатата година заврши со економски раст од 3 и пол отсто, а во последните два квартала беше остварено зголемување од 3,8%. Најдобри перформанси забележа градежништвото. Овој сектор го оствари порастот од 14,6% најмногу поради инвестицискиот циклус на фирмите попради евтините пари обезбедени со унгарскиот заем, инфраструктурните проекти на општините во висина од 250 милиони евра, како и интензивната изградба на автопатиштата, гасоводот и железницата.

Засега Владата не ги менува проекциите за економскиот раст и за инфлацијата годинава. Сите се надеваат дерка тензиите на Блискиот Исток ќе бидат краткотрајни и дека ќе нема поголеми потреси врз глобалниот раст. Сепак, поради поскапувањето на нафтата за речиси 20% и на гасот кој достигна тригодишен максимум, централните банки предупредуваат од можен раст на инфлацијата годинава.