Реклама
Прилози

Заврши откупот на ланскиот тутун, од утре ќе се склучуваат новите договори за престојната реколта

Заврши откупната кампања за прибирање на тутунот од ланската реколта. Произведени се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Заврши откупната кампања за прибирање на тутунот од ланската реколта. Произведени се над 26 милиони килограми квалитетен тутун, кои 10-те откупувачи ги откупија по просечна цена од 418 денари, главно во прва класа и без одбитоци. Од први март, пак, започнува склучувањето на новите договори, кои според проценките на Сојузот на тутунски здруженија, во однос на лани ќе ги има повеќе, како последица на подобрените услови за поисплатливо тутунопроизводство.

„Прилично сме задоволни. Очекувавме повисоки цени, но и со ова сме донекаде задоволни со откупната цена“, вели тутунопроизводител од Долненско.

Напоредно, завршени се и преговорите со откупувачите околу новите откупни цени, кои сега-засега остануваат на истото ниво, иако тутунарите не се откажуваат од барањата тие да бидат повисоки и да се формираат согласно трошоците, инфлацијата и слично.

Реклама

„Ние понудивме цени од 510 денари за прва класа, 460 денари за втора класа и 400 денари за трета класа, со тоа што, ако ги прифатат нашите цени, да оди откупувањето на класи. Меѓутоа, тие ни понудија пониски цени. Еве, оставаме простор да ги коригираат уште ден-два и потоа ќе излеземе јавно да кажеме дека ние со нивните цени во овој момент не се согласуваме“, дециден е Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Што се однесува пак до стравувањата дека годинава можно е да бидат укинати субвенциите за необележаните парцели, од Сојузот уверуваат дека тоа нема да се случи и тутунарите ќе бидат субвенционирани исто како и досега.

„Тутунарите да си бидат раат. Ќе си добијат субвенции и по килограм, а и за тие што имаат пријавено површини, и по површина. Меѓутоа, сакам да апелирам – значи сите тутунопроизводители да го искористат овој момент за време на правењето на договорите, да си ги бележат парцелите во ЕРЗ-системот, за наредната година да си бидат раат и да си добијат субвенции по површина, по литар нафта и по килограм предадена количина на тутун“, појаснува Ристески.

Во завршна фаза е и новиот Закон за тутун со кој, покрај другото, тутунарите треба да добијат и еднаков третман со откупувачите при креирањето на откупните цени. Овој закон за десетина дена треба да биде доставен до Владата, по што очекувањата се да влезе и во собраниска процедура, потенцираат од Сојузот.