Започнува празничната и новогодишната еуфорија во гладниот град. Божиќен базар со разновидна храна, греано вино, топло чоколадо во центарот на Скопје. Огромна елка, плоштад накитен со спектакуларни украси, Дедо Мраз, разновидна музичка сцена со изведувачи за сечиј вкус. Откако неколку години по ред главниот град стагнираше и немаше никакви манифестации ниту украси за време на новогодишните прослави, оваа година конечно таткото на градот организира богата програма.
„Во периодот од 15ти до 31 декември, секојдневно од 18 часот, граѓаните и сите посетители ќе можат да уживаат во богата празнична програма со музички настапи, диџеј сетови, уметнички изведби и бројни изненадувања. Посебен акцент ставаме на децата и семејствата во Скопје. За прв пат Скопје нуди континуирана и разновидна празнична програма за сите наши возрасти. Секој викенд од 12 до 14 часот, содржините се целосно посветени на нашите најмлади со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.“– изјави градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
За најмладите- поточиња, светот на Биби и Боби, цртани ликови во главна улога, пакетчиња и детска лотарија. Како што истакна Ѓорѓиевски, сериозен акцент се става и на средношколците кои ќе имаат шанса да настапуваат и да се дел од програмата. Тој додаде дека програмата е изготвена на начин кој ќе овозможи еднакви можности за сите да уживаат, а со тоа го потврди и учеството на лицата со попреченост.

„Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27ми декември во соработка со Државната Видеолотарија со доаѓањето на Дедо Мраз, празнични забави и награди за сите генерации. Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. “– истакна Ѓорѓиевски.
Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со настапи на македонските музички изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона и други. Изведувачите гарантираат луда забава со многубројни хитови, а ова новогодишното расположение ќе трае до 19ти Јануари со секојдневна програма.
