Реклама
Економија

Се крои новата цена на струјата – субвенциите остануваат, нема драстично поскапување

За 4,84% поскапа струја по Нова Година понудија Државните електрани на тендерот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

За 4,84% поскапа струја по Нова Година понудија Државните електрани на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ. Ова не е конечна цена што ќе ја плаќаат граѓаните, бидејќи сите елементи ќе бидат под надзор на Регулаторната комисија за енергетика.

АД ЕСМ се обврзала да покрие 100% од вкупно планираните количини. Купопродажната цена на електричната енергија за граѓаните следната година ќе изнесува 65 евра за мегаватчас, за разлика од моменталните 62 евра. Овој износ го утврдија државните електрани, а ја потврди Владата на затворена седница завчера.

Премиерот рече дека пазарната цена моментално е 100 евра за мегават, но дека таа ќе се субвенционира за граѓаните, за да се заштити нивниот животен стандард. Од ЕВН Хоум велат дека сега следува пресметка на крајната цена на струјата за домаќинствата.

Реклама

„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри. Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“ – велат од ЕВН ХОУМ.

Овој пат тендерот на ЕВН Хоум не се однесува за првите 6 месеци, туку за цела претстојна 2026-та година. Тоа значи дека новата цена на струјата ќе важи подолг период, а доколку има потреба и драстични осцилации, евентуално ќе се прави корекција. До крајот на месецот Регулаторната комисија за енергетика треба да ја формира и новата цена за пренос и дистрибуција на електрична енергија, но претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски најави дека во овие два сегменти нема да има големи промени.

Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати рече дека еден од реформските чекори кои од нас ги бара Европската Унија, а е дел од Планот за раст, либерализацијата на пазарот на струја за домаќинствата не е прифатлив за Македонија, бидејќи тоа значи дека поскапувањето за граѓаните би било над 30%.