Петар Јанков против Марјан Даскаловски. Струмица, градот со кој досега раководеше Костадин Костадинов, ја носи една од најинтересните битки на локалните избори, каде по долги години постои реална можност да се променат политичките бои, односно ВМРО-ДПМНЕ да дојде до победа во општината која важи за бастион на СДСМ.
Јанков очигледно има голема поддршка, за што доказ беше и преполната спортска сала во Струмица, каде 3 и пол илјади граѓани дојдоа да ја слушнат неговата програма за развој на градот. Кандидатот за градоначалник вели дека за Струмица по изборите доаѓаат нови денови, подобра општина и подобар град.
-За Струмица доаѓаат нови денови исполнети со работа, надеж и промени што ќе ја вратат гордоста на нашиот град. Моето верување вели дека политиката мора да биде одговорност, а не празни зборови. Јас нема да бегам од разговрот со вас, напротив ќе бидат тука, за секоја улица, за секое маало и секое село. Овој пат имаме одлична програма, вредна и чесна листа на советници, затоа што струмичани заслужуваат достоен живот. Време е за промени и за ново поглавје на нашиот град, заедно ќе победиме, заедно за Струмица, изјави Јанков.

Инаку, тој е внук на Благој Јанков – Мучето, струмичанец и народен херој, кој беше една од првите жртви на удоволувањето на бугарските барања, уцени и условувања. Пред 10-тина години, кога градоначалник беше Зоран Заев, од спомен обележјето во негова чест, беше избришан делот каде се потенцира дека тој бил убиен од бугарскиот фашистички окупатор.
Кандидат на СДСМ во Струмица пак е Марјан Даскаловски, иако бројките покажуваа дека тој има многу помал рејтинг од актуелниот шеф на градот Костадин Костадинов. Сепак, партиското раководство предовдено од Венко Филипче се реши за првиот човек на советот, кој важи за многу близок со поранешниот лидер на партијата и премиер Зоран Заев.
Во своето промотивно видео, Даскаловски најмногу говореше за тоа каква била Струмица минатите години, без конкретна понуда на планови и проекти за иднината.
-Нашиот град е жив доказ дека кога има постојаност, кога има сигурност и тимска работа, тогаш резултатите се видливи за секој граѓанин. Ние не ветувавме со празни зборови, ни испорачувавме. Денес имаме силен локален развој, силна локална економија. Време е да се одважиме, секој од вас да биде наш амбасадор во семејството, во соседството, на работно место, изјави Даскаловски.
Од градоначалникото место заминува досегашниот Костадин Костадинов, кој претходно удри по својата партија, решавајќи да го замрзне членството во СДСМ, по одлуката да не биде кандидат. Според него со оваа раководна структура опозициската партија не може да се врати онаму каде што и е местото, а тоа е најмалку каде што била сега.
Тој на аспирантите за градоначалничкото место им посака фер и коректна кампања, со желба да победи вистинската визија, со јасна слика за тоа како треба да изгледа Струмица по четири години од денес.
Покрај Јанков и Даскаловски, за Струмица има уште двајца кандидати, Ристо Цасконоје од Единствена Македонија и Драган Котуровиќ, кој ќе настапува како независен кандидат.
Матеја Петровски
