Привршуваат активностите за адаптација и реконструкција на просториите во Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, каде наскоро ќе бидат префрлени околу 200 ученици од Ресурсниот центар „Иднина“, кој се наоѓа во општина Чаир. Оваа преселба е резултат на потребата да се обезбедат подобри услови за учениците и наставниот кадар, согласно современите стандарди за инклузивно образование.
„Со преселувањето на учениците во нови, адаптирани простории, создаваме многу подобра средина за нивно развојно и едукативно напредување. Заедно со Македонско-турската стопанска комора, го поддржуваме процесот на адаптација на објектот, со што обезбедуваме достоинствено образование за сите. Овие простории се уредени по највисоки европски стандарди. Имаме безбедносни врати, нови тоалети, вентилација – сè што е потребно за работа во безбедна и квалитетна средина. Нашата визија е да дадеме поддршка на инклузивното образование и да работиме заедно со учениците, наставниците и семејствата“ изјави Јаневска при денешната посета на училиштето.
Директорката на Ресурсниот центар Лорета Андреевска, истакна дека дел од кабинети се веќе целосно опремени, соодветни за работа со деца со попреченост.

Значајна улога во реализацијата на овој проект има Македонско-турската стопанска комора (МАТО), која обезбеди финансиска поддршка.
„Со гордост кажуваме дека придонесовме за обновата на ова училиште. Како одговорна комора, инвестираме во иднината на децата – особено на децата со попреченост. Стоиме на располагање за понатамошни вложувања, затоа што веруваме дека децата се нашата иднина“, порачаа од МАТО.
Преселбата на учениците ќе се реализира штом завршат последните подготовки во објектот, а надлежните уверуваат дека сите услови за настава ќе бидат за 10 на дена.
