Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во Кочани кога во голем пожар во таканареченото кабаре „Пулс“ загинаа 62 луѓе, главно млади, а над 200 беа повредени.
Случајот е една од поголемите трагедии во поновата историја на државата. Обвинението за пожарот беше поднесено речиси три месеци по трагедијата, на 13 јуни, а во секој момент се очекува за него да се произнесе и судот, по што ќе следи првото рочиште.
Станува збор за еден од најголемите случаи во историјата на Македонија, во кој се обвинети вкупно 34 лица и три фирми. Целиот предмет тежи неколку стотици страници, содржи илјадници документи и докази, а ќе се сослушуваат преку 300 сведоци.
По повод шестмесечнината, вечерва во 20 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи тих собир на кој ќе им се оддаде почит на жртвите. Освен во главниот град, собир ќе се одржи и во Кочани, каде што родителите и роднините на загинатите ќе излезат на традиционалниот „Марш на ангелите“, што го практикуваат речиси секој викенд по трагедијата.
