Четоворица кои што се сопственици или управители на фирмата Ф-групација се повикани на распит во полиција. Во истрагата за пожарот во Трубарево се вклучи и Основното јавно обвинителство – Скопје. Ја чешлаат документацијата и ќе утврдуваат дали работењето на оваа фирма било во рамки на законот. Во наредниот период, по создавање безбедносни услови и прибирање на податоци за видот на складираните материјали, ќе биде издадена наредба за вештачење. Целта е да се утврди точниот вид на контаминација и евентуалните последици врз животната средина и јавното здравје. Засега, како што соопштија од скопското обвинителство, поради опасните услови, не е возможно да се изврши увид на самото место.
„Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето. До овој момент во опожарениот објект нема услови да се врши увод на лице место“, велат од Јавното обвинителство.
Министерот Тошковски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Анѓелов синоќа по состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи посочија дека никој не може да ги убеди дека четири депонии во Скопје изгореле за три дена сосема случајно. Како пример беше посочен пожарот во Вардариште, надлежните имаат докази дека на потпалувачите им биле дадени пари на рака.
„Дали ми е срам што работам за својот народ? Не. Срам ми е што по 35 години немаме капацитети какви што треба да има една современа држава, но не ми е срам што се обидувам да ги заштитам граѓаните“, изјави Панче Тошковски министерот за внатрешни работи.

Фирмата Ф-Групација во Труебарево е Основана во 1998 година. Се вбројува меѓу компаниите што се занимаваат со обработка и отстранување на опасен отпад. Има овластувања за преземање и третман на отпадна електрична и електронска опрема, батерии, акумулатори, вклучително и литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и друг вид електронски отпад. Низ годините креирала раст на приходите. Во 2022 година, тие достигнале 268 илјади евра, следната година се зголемиле на 279 илјади, а лани ја надминале границата од 347 илјади евра.
