Канализација, нов водовод, патна инфраструктура, чисти улици – локалните избори треба да бидат политичка борба на идеи за подобар живот на луѓето, а она што го прави ДУИ со поттикнување на меѓуетнички тензии е опасно за целото општество. Според познавачите одлуката на Али Ахмети повторно, како и многу пати досега, предизборно да игра со националистичка карта е деструктивна политика, која не носи никому добро. Политикологот Џенур Исени за Алфа вели дека интегративците не го прават она што им е потребно на граѓаните, односно решавање на секојдневните локлани проблеми, туку се обидуваат да разгорат омраза меѓу етничките заедници.
-Наместо да понуди визија и понуда за локалните избори, се обидува да внесе атмосфера на меѓуетнички тензии, што е многу опасно. Локалните избори треба да бидат натпревар на идеи, програми, а не на деструктивни политики, бидејќи секоја населба без разлика дали македонска, албанска, граѓаните бараат современи услови за живот, канализација, водовод, патна инфраструктура итн. А ДУИ се поставува пред кампањата како да имаме некои парламентрани избори, а не локални, вели за Алфа, политиколот Џенур Исени.
Наместо со локални проблеми, ДУИ во предизборието се обидува да игра со карта на национализам. Па дури им пречеше и Охридското лето. На овој меѓународен фестивал со 65 годишна традиција немало доволно Албанци, иако на отворањето на фестивалот единствен висок преставник од странска држава беше токму претседателот на Албанија. Според Исени, Ахмети би требало да ја смири топката, но сепак не верува во такво нешто, бидејќи интегративците нема што друго да понудат.

-Тоа им е единствената карта што ја употребуваат, земајќи во предвид дека секоја година се ребрендираат, мислат дека ни тие веќе не знаат на која линија се. Пред некоја година се претворија во зелена партија, сега го променија името на коалицијата, пред еден месец имаше друго има коалицијата. Значи дека во опозициската коалиција кај Албанците не се координирани, односно Ахмети не може се уште да ги помири Села и Таравари, вели Исени.
Минатиов период беа отворени неколку истраги против поранешни функционери од партијата на Ахмети, а ДУИ пред јавноста тоа се обидоа да го претстават како напад кон сите Албанци, а не борба со криминалот. Според познавачите ваквата реторика претставува очаен обид да се одвлече вниманието на гласачите од нивните неуспеси во текот на дводецениското владење и манипулација на граѓаните со страв и поделби.
Матеја Петровски
