Во судницата во затворот „Идризово“, денеска поради промена на судијата, почна од почеток судењето за случајот „Адитив“, кој се однесува на злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на „АД ЕСМ-подружница РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“.
Обвинети се пет компании и над 30 луѓе, меѓу кои и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. За Ковачевски се распишани национална и меѓународна потерница. Обвинетите се товарат дека се организирале во злосторничко здружение за перење пари и други приноси од казниво дело. На првото судење сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството, пак, очекува осудителна пресуда и конфискација на имотот на обвинетите.
