Наместо на 41, на 37 степени во Скопје во јуни ќе се вклучи црвениот аларм. Тропските горештини месецов можат порано да го активираат новиот акциски план на Институтот за јавно здравје, во кој праговите за прогласување елементарна непогода од топло време се значително намалени. За јули тој праг во Скопје е определен на 39, а за август на 40 степени. Штом два дена по ред ќе се надмине оваа температура, државата ќе може да прогласи кризна состојба. Токму денеска е убедливо најтопол ден годинава со 37 степени, што е критична температура, но сепак црвениот аларм најверојатно нема да биде вклучен бидејќи за утре се најавува благ пад на температурите.
Без разлика на тоа, Институтот за јавно здравје излезе со препораки да се избегнува престој на сонце од 11 до 17 часот, да се носи лесна, широка облека во светли бои, капа и очила за сонце, како и да се престојува во климатизирани простории кога е можно. Препораките посебно се однесуваат на луѓе над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина, оние со ментални нарушувања и граѓани кои примаат специфични терапии.
Во планот кој е променет по 14 години, опишан е како прецизно и навремено да профункционира системот на најава на топлински бранови, кои мерки и активности за заштита да се спроведат, кои инстутуции се одговорни за тоа, детален план за мониторинг и евалуација, како и протоколи за постапување, во болниците, училиштата и други.

Во претходниот план од 2011-та, праговите за црвен аларм, кога е едноставно премногу жешко, па државата мора да реагира, беа поставени на премногу високо ниво. Сега тие се поместени за 3 до 4 целзиусови степени пониско, за надлежните да можат навремено да реагираат. Критичната темпаратура за прогласување црвен аларм во јуни е највисока во Гевгелија и Демир Капија – 38 степени, во Штип е 37, во Струмица 36, а во Прилеп и Битола 35 степени. Прагот за преземање вонредна акција е очекувано највисок во Гевгелија во јули и август 41 степен. Во акцискиот план стои дека 2023-та година била втората најтопла година измерена досега во Европа, со рекорден број денови на екстремен топлотен стрес. Температурите за прогласување временска алармантна состојба се намалени бидејќи според една студија, околу 48.000 смртни случаи во 35 европски земји, во летото 2023 година, се должат на изложеноста на екстремни жештини.
