
Во Ургентниот центар во Белград ноќеска се примени девет повредени лица од пожарот во кочанската дискотека, од кои едно се наоѓа во исклучително тешка состојба, со повреди опасни по живот, информира „МИА“ од Белград.
Како што изјави Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија, седум од повредените биле подложени на третман во операциските сали. Тие имаат изгореници кои се движат од два до 28 проценти на телесната површина, а дел од нив имаат изгореници и на горните дишни патишта.
„Сите пациенти се со сериозни повреди, опасни по живот. Еден од нив е на механичка вентилација, бидејќи има тешки повреди на бронхијалното стебло, што е исклучително сериозно“, истакна Стојичиќ.

Тој додаде дека е рано да се даде прогноза за понатамошната состојба на пациентите поради сложеноста на повредите, но се надева дека ќе има поголема јасност во наредните денови.
Исто така, синоќа тројца пациенти од Скопје беа префрлени на ВМА во Белград. Др. Стојичиќ нагласи дека процесот на лекување на изгореници е долготраен и бара постојан надзор, кој ќе продолжи во следните денови и недели.
