По вчерашниот бојкот, инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, а главната цел на Владата е заштита на стандардот на граѓаните. Дали го изигруваат законот подетални информации ќе има во понеделник, вели премиерот Христијан Мицкоски. Посочи дека Владата има обврска да го штитат стандардот на граѓаните, но во исто време не смее да се дозволи нарушување на пазарната економија. Мицкоски е сигурен дека граѓаните на крајот ќе излезат победници во оваа битка.
-Се наоѓаме во буквално сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Дел од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина. Така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме, како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, но истовремено нормално да не ја нарушиме пазарната економија, пазарните правила итн. Мислам дека во овие моменти сите заедно треба да работиме и да излеземе како побендници, изјави Мицкоски.
Оваа година драстично зголемување на финансиите ќе има и во здравството. Јавните здравествени установи ќе добијат буџет поголем за 100 милиони евра, истиот ќе биде околу 540 милиони, вели Мицкоски. Од мартовската плата повисок личен доход ќе добијат сите вработени во здравствениот систем, и докторите и медицинскиот персонал. Премиерот изрази уверување дека со напорна работа на власта, граѓаните конечно ќе ја добијат заслужената здравствена нега.

-Ако минатата година буџетот се движеше некаде околу 27 милијарди денари, сега е некаде околу 33,2 милијарди денари или околу 540 милиони евра. Убеден сум дека конечно во здравството граѓаните ќе ги добијат оние услуги кои што ги заслужуваат и сигурен сум дека тоа ќе се случи. Но, важно е да потенцираме дека повеќе од 100 милиони евра ќе биде поголем буџетот ова буџетот оваа година, изјави Мицкоски.
Мицкоски потврди дека инвестиции ќе има и во енергетскиот сектор. Кон крајот на јуни се очекува поставување на камен темелник на ветерниот парк во близина на Штип, инвестиција вредна 500 милиони евра. Околу изградбата на соларниот парк исто така во близина на Штип, вели дека се уште се завршуваат процедурите, по што ќе се знае што ќе биде со овој проект во иднина. Мицкоски верува дека ќе се најде соодветно решение и дека и оваа инвестиција ќе стане реалност.
Матеја Петровски
