Среде бел ден автобус на ЈСП во движење и полн со патници се запалил и целосно изгоре. Вистински хорор претпладнето се случувал во Сопиште, каде во миг огнот го пеплоса возилото со број 58, кој редовно сообраќа на оваа линија. Додека се движел, автобусот почнал да чади во делот на моторот, по што за кратко и пламнал.
Брзата интервенција на возачот, но и присебноста на патниците кои успеале навреме да излезат спречиле поголема трагедија. Единствено на возачот му е укажана лекарска помош, затоа што вдишал чад. За среќа неговиот живот не е во опасност.
„Ова позади мене е автобусот со број 58 кој изгоре во Сопиште. За среќа жртви нема, патниците кои биле во него додека горел автобусот, успеале навреме да излезат“.

Очевидците кои ги затекнавме се уште беа вознемирени. Велат дека се се случило за секунда, а глетката била страшна.
„Кога случајно гледам црн чад нагоре. Излегов на улица кога гледам гори автобусот луѓе бегаат. Тоа беше страшна глетка. Во секундата се случи се. Среќа што, мислам пријдовме и ние. И експлозии се слушаа многу“.
Од МВР велат дека пријавата ја добиле во 12:30 часот и дека веднаш на терен излегла екипа на противпожарната единица. Пожарот бил изгаснат за брзо време, иако многу лесно можел да ги зафати и околните куќи и дрвја. Покрај постарите, вознемирени се и децата на кои автобусот им е секојдневна потреба на патот кон училиште. Дел од нив реагираат дека ова не е првпат да се случи дефект на автобус.
„Имаше патници возачот на автобус 58 во Долно Соње, рече сите патници да искочат од автобусот. Затоа што нешто се случуваше со моторот. Оддеднаш само моторот експлодира и имаше голем чад“.
Директорот на „ЈСП“, Драги Кушевски кој пристигна на лице место рече дека причината за пожарот најверојатно е електрична инсталација на автобусот. Тој тврди дека сите возила кои се пуштаат во сообраќај редовно се сервисирале и биле технички исправни. За последниот инцидент се сомнева во саботажа.
„Сите автобуси што се пуштаат сите во сообраќај согласно информациите кои ги добивам јас се пуштаат технички исправни. Имам строги наредби дадено, да не излезе автобус кои што не сме сигурни дека е технички исправен. Но, и треба да имаме сите во предвид за колку е стар возниот парк. 15 години конкретно е овој автобус стар. Колку имаат извозено и треба да бидеме свесни дека една од причинте е застарениот возен парк на самите автобуси. Поради тоа што гледаме дека се случуваат кај постарите автобуси“, изјави Драги Кушевски.
Ова е трет градски автобус кој се запали во рок од само неколку месеци. Јавноста беше сведок и на неколку други инциденти поради дефекти на возилата. Вработените и синдикатот на ЈСП постојано алармираат дека состојбата е многу загрижувачка, а секојдневието на возачите станува се постресно. Освен неколкукратна промена на директорите, градската власт досега не најде решение за хаосот во јавното претпријати.
Љубиша Владимиров
