Засилени инспекциски надзори на сите оператори кои произведуваат или пуштаат во употреба храна за време на новогодишните и божиќните празници најави директорот на АХВ. Миланов апелира операторите да внимаваат каква храна пуштаат во промет и ги повика граѓаните да пријават доколку забележат неправилности.
“Во пресрет на овие новогодишни и божични празници Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведува засилени контроли кај сите оператори кои произведуваат или пуштаат во употреба храна поради зголемената побарувачка и потрошувачка на прехранбени производи. Тоа се однесува на сите оператори со храна, ресторани, кафетерии, месарниците. Интензивно ќе бидат и контролите во малопродажбата” изјави директорот на АХВ Оливер Миланов.
Новогодишни пакетчиња со истечен рок утврдиле инскепторите на АХВ. Миланов потврди дека кај четири оператори кои пакувале и пуштале пакетчиња во продажба, три од производите во нив, немале наведено кој е последниот датум до кога може да се користат, или пак биле со рок, кој истекува до крајот на месецов. Издадена е наредба производите да се повлечат од употреба и изречени се казни.

“Минатата недела се спроведоа надзори во магацини и продавници кои пакуваат и продаваат новогодишни пакетчиња, односно маркети и продавници кои ги продаваат. Спроведени се 62 контроли и утврдено е несоодветно пакување кај 4 оператори, односно, три вида на пакетчиња немаат датум или тој истекува до крајот на месецот” изјави Миланов.
Од АХВ потврдија дека освен активности на терен, работат и на подобрување на своите услуги. Досега се дигитализирани 23 алатки со кои се зголемува транспарентноста и ефикасноста на агенцијата, а на граѓаните и правните субјекти им се олеснува пристапот до потребните услуги.
Даниел Ѓорѓевски
