Реклама
Македонија

Паѓа случајот „Организатори на 27 април“: Обвинителството индиректно призна дека се водела политичка хајка

Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и Владимир Атансовски воопшто не требале…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и Владимир Атансовски воопшто не требале да седнат на обвинителна клупа за 27 април. На денешното рочиште Обвинителството призна дека имало правна пречка воопшто да се покрене случајот. Со ова се потврдува шест годишната политичка хајка против поранешните министри, собраниски спикер и директор на УБК.

После шест години агонија и прогон врз поранешните функционери, дури денеска Обвинителството за организиран криминал призна дека немало основ за кривичен прогон бидејќи дека не се почитувал Законот за амнестија за настаните од 27 април, кој веќе бил во сила. Тоа всушност преставувало и пречка за кривично гонење и покренување на обвинение, образложува адвокатот Миланов.

Имено, години наназад се водеше постапка за терористичко загрозување на уставниот поредок против поранешните функционери за што имаше и првостепена пресуда. Петчлениот состав на чело со судијата Илија Трпков ги прогласи за виновни и им досуди затворски казни. Вељановски беше осуден на 6 и пол години затвор, Ристовски 6 години и 3 месеци, иста казна доби и поранешниот министер Јанакиески, а разузнавачот Атанасовски доби шест години затвор.

Реклама

Кривичниот суд во пресудата тврдеше дека настаните немало да се случат без добро планирана организација, а тие претставуваат голем удар врз демократијата и граѓанските вредности. Апелација го укина предметот и го врати на повтпрно одлучување со укажување дека постоеле правни речки за прогонот и не се почитувал Законот за амнестија за настаните од 27 април. Вакво укажување даде и Вишото обвинителство.

Миле Јанакиески и Спиро Ристовски беа и физички нападнати во притвор, додека Европскиот суд за човекови права утврди повреда на нивните човекови права во овој случај. За Ристовски се наведува дека од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година 14 пати му бил продолжен куќниот притвор поради ризикот од негово бегство, а судовите немале основ за тоа.

Додека за екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески Европскиот суд за човекови права пресече дека бил незаконски држен во домашен притвор за случаите „Организатори на 27 април“ и „Шпански скали“.

Случајот го водеше контроверзната обвинителка Вилма Рускоска, која се поврзува со низа скандали. Денешното судење е одложено, а судијата ќе донесе одлука на следното рочиште потврдија од Кривичниот суд.

Од Јавното обвинителство се огласија по повод информациите за случајот „Организатори на 27-ми април“, и веста дека случајот може да „падне“. Во соопштението, главно ги потврдуваат информациите на одбраната и истакнуваат дека во мислењето испратено до судот барањето на одбраната на обвинетите за примена на Законот за амнестија не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.

„Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, Обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение“, велат од Јавното обвинителство.

Имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка, Обвинителството е обврзано според Законот за амнестија да даде мислење, но судот ја носи конечната одлука по своето наоѓање и убедување како краен арбитер.