Ни помалку ни повеќе Советот на Општина Струга,за дочек на нова година само за градските советници издвои 2.000 евра или во денари 120.000. Што значи за гоштевање и гозба секој советник има на располагање 4.400 денари.
Згора на се предновогодишно ќе лудуваат во спорниот објект на самото крајбрежје каде наместо спортска сала,никна ресторан. Ова им преседна посебно на опозициските советници од ВМРО ДПМНЕ кои фатени во небрано гласале за целата новогодишна програма за која вкупно се издвоени 2 милиони и 490.000 денари, а опфаќа украсување на градот, културно забавен дел и новогодишни награди, ставка во која е вметнат и дочекот на нова година за членовите на советот во висина од фантастични 120.000 денари.
“Да се види улиците низ градов какви се катастрофа со дупки, наместо тие пари да ги употребат за таква работа.Премногу, стварно е премногу на оваа сиромаштија луѓево немаат леб да јадат,по контејнери рошкаат нелогично е за мене. Дали е толку богат буџетот, чисто се сомневам дека е богат за да си поделат меѓу себе. Сега заслужиле, незаслужиле но новогодишно нека се развеселат советниците. Многу се тие пари за во една вечер да ги даде човек,бил кој да ги дава.На ова време денешно да ги дадеш 120.000 се многу пари”, велат стружани.

Иако во програмата јасно стои дека 120.000 денари ќе одат за софри претседателката на Совет, Арбреша Влаши вели дека нема да ги изеле и испеле сите пари. Таа не криеше дека примамливо им звучела и идеата Струга да ја гледаат од другата страна на езерото, од Албанија удобно сместени во угостителски објект со морска храна или пастрмка,кој како милува.
„Во овој дел прв пат се организира бидејќи е последен мандат на сите советници, тоа се пари за купување на пакетчиња и еден свечена вечера само за советниците.Не значи дека цела сума ќе се потроши,тоа е максималниот износ што беше предвиден.Меѓутоа ме праша дали планиравме во Албанија, но останавме во Струга како локал патриоти”, вели Арбреша Влаши, претседател на Совет на Општина Струга.
И за охридските советници ова е последна година од мандатот во овој состав,но тие ќе прослават далеку поскромно и секој од свој џеб.
„Симболично прославување сме имале секогаш меѓутоа тоа е во рамките на прославата на општинската администрација.Сретства кои што мислиме дека може да ги издвои секој еден вработен.Мислам дека цена од 1.500 денари може секој симболично да си ја дозволи како еден вид прослава и меѓусебно дружење”, вели Перчо Божиновски, претседател на Совет на Општина Охрид
И додека општина Охрид подготви вистинска новогодишна приказна која ќе трае од 24-ти декември до 1-ви јануари 2025-та, со настап на поп дивата Каролина Гочева и македонското златно грло Наум Петрески кои ќе не внесат во новата година,на полноќ на струшкиот плоштад ќе биде штама, пари за музички хепенинг нема.
Росица Голабоска
