Населба по населба се враќа водата во Скопје. Екипите на „Водовод и канализација“, работеа цел ден на дефектите на неколку критични точки во главниот град и создадоа услови водата повторно да почне да тече непречено низ системот. Директорот на „Водовод и канализација“ кој ја координираше целата операција рече дека се работело на 10 критични места во Скопје и дека активностите биле во завршна фаза. Побараа трпение од граѓаните уште неколку часови додека водата не се врати целосно во нивните домови
„Се променија пет воздушни вентили каде што имаше заробен воздух во цевководот, за подобрување на водоснабдувањето. Исто така се направија поправка на два затворачи Ф-700 милиметри, еден затворач Ф-600 милиметри, еден затоврач Ф-500 милиметри“, изјави Тони Миновски директор на градското претпријатие „Водовод и канализација“.
Граѓаните кои ни криви ни должни останаа без вода сметаат дека проблемот можел да се превенира многу порано и веројатно и на поинаков начин. На градската власт и порачаа дека е потребна поголема ажурност и сериозност од надлежните за во иднина да не дојде до слични состојби.

Интервенцијата инаку започна уште во текот на ноќта, а она што остави лош впечаток во јавноста беше надмениот однос на градската власт која до последен момент ги држеше скопјани во неизвесност. Па така бевме сведоци како граѓаните мораа да купуваат галони вода во маркетите каде се празнеа рафтовите Градоначалничката Арсовска и денеска продолжи во сличен стил па така не пропушти шанса и ваквиот зафат да го искористи за себепромоција но и политичка пресметка. Таа ги искритикува политичките противници и се пофали дека техничкиот зафат бил рекородно успешен.
„По завршувањето на оваа реконструкција, репарација, односно модернизација на нашиот градски водовод, учествуваа над 160 лица на стручен технички персонал и 150 лица на административен персонал. Сето она кое што за жал низ јавноста одредени поединци истакнуваа и ја плашеа јавноста креираа страв дека е трае со денови, ако не и недели, еве веќе отпочнувајќи од два часот наутро кога практично отпочна престанокот, односно испустот на вода од магистралниот цевковод, до пред неколку часа, целосно санирано, навистина успешно и стручно од страна на службите на јавното претпријатие Водовод“, изјави Данела Арсовска, градоначалничката на град Скопје.
Инаку од институтот за јавно здравје апелираат граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто периодот во кој резидуалниот хлор е во водата во мрежата може да потрае и до 1 час. Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, да добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално ситни зрнца или песок.
Љубиша Владимиров
