Претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски денеска го доделија признанието „Македонски квалитет“ за 2024 година. На традиционалната манифестација во организација на Сојузот на стопански комори, а под покровителство на претседателот на државата, беа врачени признанија на 10 македонски компании што дале значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво.
На настанот што се реализираше во „Вила Водно“, признанија добија Македонските семејни винарии и македонски дестилерии, „Премиум сејфти солушн“, „Серафимов груп“, „Капитал ассет менаџмент“, балетското студио „Ребис“, „Сектор филм“, „Мај принт“, „Ларес ДООЕЛ Кавадарци“, „Елена Лука груп“, „Глобал нет“.
Ангелоски и Сиљановска-Давкова доделија признанија „Македонски квалитет“ за 2024 година

– Денеска сме тука да им оддадеме признание на овие компании што и покрај силните предизвици со што се соочуваат, успеале да го видат светлото на крајот на тунелот и успеале да ја зачуваат деловната активност, креирале работни места, создале додадена вредност и придонеле за економски раст и развој. Позитивниот резултат во работењето што го постигнале е особено важен бидејќи доаѓа во многу тешко време за водење бизнис, рече претседателот на Сојузот на стопански комори.
признанија „Македонски квалитет“ за 2024 година фото миа
Сиљановска-Давкова потсети дека признанието традиционално се доделува кон крајот на секоја година.
– Освен придонесот за буџетот, вработувањата, развојните инвестиции, морам да го подвлечам фактот дека голем број од добитниците се општествено одговорни компании што суштински и помагаат и ги следат потребите на заедницата, истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката на државава им посака на сите стопански субјекти во новата 2025 година да продолжат да бележат успеси и профит, да напредуваат, да се развиваат.
– Вашите успеси ќе значат и успех и на државата, поразвиена економија и подобар животен стандард, нагласи Сиљановска-Давкова
