Дури и СДСМ крена раце од ДУИ. Социјалдемократите кои важеа за политичари со најподанички став кон коалициониот партнер ја признаа својата сервилност. Токму со овој збор – сервилност, претседателот на СДСМ Венко Филипче ги опиша односите во оската СДСМ-ДУИ. Сега кога отидоа во опозиција им текна дека било грешка што практично одлуките во владите- и на Заев и на Ковачевски – ги носеа ДУИ.
„Бевме сервилни кон нашите коалициски партнери, а тие ја злоупотребија нашата широчина. Не вреди да се остане во Влада или да се одржи Владата некој период подолго, а притоа сериозно да биде оштетена нашата позиција“, рече Филипче.
Во време кога опозициската партија која доживеа дебакл на последните парламентарни и претседателски избори е во тешка криза, Филипче се расфрла со ветувања. Вредностите ќе им биле најважни за формирањето на идните коалиции и вакви грешки веќе немало да се повторат. Најскандалозно е признанието дека посебно во последните две години од претходната влада, социјалдемократите направиле секакви отстапки кон помалиот коалиционен партнер, само и само да ја зачуваат власта.

„Да, ДУИ на некој начин ја трошеше и во значаен дел ја потроши СДСМ како дел од власта. Тоа не е само моја констатација, туку е дел од многу сериозна анализа која што ја направивме. Вредностите и интересите на граѓаните ќе бидат основата за секоја идна коалиција. „Секоја идна коалиција ќе ја градиме врз основа на вредносните политики. Вакви компромиси, кои сериозно го оштетија нашиот интегритет, нема да се повторат“, нагласи тој.
Многу одлуки кои беа донесени за време на владеењето ги разочараа граѓаните – што резултираше со голем пораз на изборите и огромен пад на рејтингот на сега веќе опозициската партија. Од промена на уставното име, до прифаќање на францускиот предлог, работи против кои беше најголем процент од народот. Експертите постојано предупредуваа дека погрешните политики ќе им се удрат од глава на социјалдемократите. Сега откако се освестија, ветуваат дека ќе се воделе политики засновани на транспарентност, отчетност и вистинска грижа за интересите на граѓаните.
