Владата со директна помош за реалните проблеми на граѓаните: општините ќе бидат ослободени од комуналии за објекти кои што се стопроцентно во сопственост на единиците на локалната самоуправа или државата. Ова се предвидува со измените на законите за урбанистичко планирање и градење, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по средбата со претставници на ЗЕЛС.
-Овозможуваме да училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи во стопроцентна општинска или државна сопственост, да можат да се градат во поедноставена постапка и за истите да не се плаќаат комуналии, повторувам кога се во стопроцентна општинска или државна сопственост. На овој начин помагаме да се развиваат општините и да се адресираат бројни проблеми и прашања кои што ги имаат граѓаните, изјави Николоски.
Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски изрази благоданост до централната власт, што конечно се сети со директна помош да помогне на локалната самоуправа. Вели измените во овие два закони се многу значајни, бидејќи се решаваат деценски проблеми на општините низ целата држава, а пред се на скопските.

-Откако од наша страна ќе беше завршена постапката со месеци чекавме да ни бидат објекти од јавен карактер ослободени од комуналии, сега веќе тоа е зад нас, сега е веќе минато и сега сме целосно функционални во тој дел. Исто така, како што спомена министерот доста значаен е моментот за поддршка за оштините преку унгарскиот кредит, нешто што исто така ќе реши повеќедецениски проблеми на нашите граѓани, ширум Македонија, практично во секоја наша општина, изјави Орце Ѓоргиевски, првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода.
Ѓоргиевски кажа дека добро е што конечно комуникацијата меѓу централната и локалната власт е крената на едно повисоко ниво. Во наредниот период ќе се разговара и за измени во други закони за помош на општините, а во моментов приоритет се промените во законот за експропријација.
Матеја Петровски
