Талат Џафери во улога на балансер. Поранешниот собраниски спикер, како претседател на новоформираната комисија за правична застепеност во државните институции, ќе проверува дали власта вработува доволно Албанци. Уште од првата седница испорача барање до владата да му достави план колку етничките заедници се застапени во инстутуциите. И даде рок извештајот да му го достават за еден месец, односно до 15 декември.
- „Мислам дека средина на декември е доволен временски период Владата да ги подготви сите податоци бидејќи се работи за статистика. Еден месец мислам дека е реално време да може Владата да ги реализира должностите кои што произлегуваат од овој предлог “ рече Џафери.
Инаку, Комисијата со која раководи Џафери ќе има задача до 31 јули следната година да изготви извештај дали новата влада во првите шест месеци од годината вработувала луѓе без да ги нарушат правата на помалите заедници во Македонија. Сличен извештај ќе подготви и за втората половина од годината.
Комисијата за следење на соодветната застапеност на сите етнички заедници во државниот апарат е составена од 12 членови – пратеници и таа е привремена. Според надлежности, новоформираното собраниско тело може да даде препораки, мислења и заклочоци кои ќе треба да се применат од страна на извршната власт. Ваква комисија почна со работа по барање на партијата на Али Ахмети, која го поддржа реструктуирањето на новата Влада. Интегративците се кренаа на нозе и за укинувањето на т.н. балансер од Уставниот суд, бидејќи така се кршеле правата на Албанците и другите етнички заедници, иако самите признаваа дека алатката се злоупотребува. За уставните судии вработувањата под „етнички клуч“ не беа уставни и ги прекршуваа основните човекови права, а власта најави законско решение кое ќе биде оценето и од Венецијанската комисија.
