СДСМ треба прво да се екипира, па да бара предвремени избори. Во моментов без раководство, без органи на партијата, ова барање изгледа несериозно, сметаат многумина. Во разговор за Алфа на оваа тема, поранешниот градоначалник на Центар и човек кој беше дел од раководните структури на СДСМ, Саша Богдановиќ вели дека е прерано сега да се бараат избори.
-Секоја опозиција сака нормално да бара избори, за да ги спроведува своите политики, односно да ја смени власта, но мислам дека е прерано за тоа, бидејќи не поминаа ни пет- шест месеци од последните избори, каде што бројките, резултатите не беа во корист на сегашната опозиција, напротив да кажам беа и најлоши во историјата на СДСМ, бидејќи навистина не се направени потребни реформи, не се избрани тела и раководства на партијата и тоа додека не се случи не можете да излезете да сработите на терен. Бидејќи пораката што сакате да ја пренесете на граѓаните, таа ја пренесувате преку своите општински организации, преку најмалите клетки, а тоа се месните одбори, месните организации, а ние уште немаме избрано раководство, односно СДСМ нема избрано раководство централно кое што ќе креира одредена политика, за да може да спроведе, изјави Богдановиќ.
Вели СДСМ треба да се реорганизира, бидејќи загубиле дел од нивните клучни бастиони.

-Мислам дека сега за сега е се уште рано да се бараат избори, мислам дека пред се треба да се занимаваат со избор на раководство, со изработка на програма, односно што е тоа што ќе им се понуди на граѓаните, бидејќи наредна година се и локални избори, а знаеме дека веќе во неколку клучни бастиони на СДСМ се доживеа многу лош резултат. Јас ќе го земам само пример општина Центар, каде што изминативе 15 години секогаш важел како тврд орев на ВМРО-ДПМНЕ, за жал заради разделеност во самата партија, во самата општинска се случи тој лош резултат кој што го имавме, дури преку 6.300 гласа беше за парламентарнитее избори. Сметам дека доколку не се завршат тие реформи, дококлу не се избере раководство, ќе нема кој да ја истрча трката на терен, изјави Богдановиќ.
Според него треба прво да се екипираат, па да се размислува на избори.
-Барањето на избори е да се каже, еве ние сме спремни, а всушност се уште немаме видено раководство и мислам дека не треба да се излетува толку брзо со барање на избори, мислам дека треба да се седне дома да си се заврши работата, да се направи избор на најтесно раководство, да се направи избор по општинските организации, да се направат комисии, кои што не е лесен и не е толку брз процес. Тоа се неколку месеци, бидејќи вие пак ќе повторам за да спроведете одредена политика, односно да допрете до граѓаните, тоа го прават општинските организации, преку месните одбори, месните организации, а ние се уште немаме избрано централно раководство за да може тоа да се случи, така да не изгледа сериозно, изјави Богдановиќ.
Вели дека според неговите информации, лидерот на СДСМ Венко Филипче имал разговори со членството, но се одело премногу споро.
-Јас знам дека претседателот на СДСМ, од тоа што контактирам со луѓе, се труди да стапи во контакт со што е можно поголем број, да анимира што е можно повеќе членови да се вклучат во некои од раководствата, каков е одзивот не знам. Но, мое мислење е дека премногу бавно се одвиваат сите тие процеси, бидејќи веќе сме на крајот на годината, наредна година ни е изборна за локални избори, општинските организации треба да бидат спремни шест- седум месеци однапред. Значи ние, СДСМ веќе треба да ги има завршено изборите по општинските организации за да може спремно да ги пречека локалните избори, бидејќи тие се главните носители на локалната политика на една политичка партија, изјави Богдановиќ.
Со Богдановиќ разговараше Матеја Петровски
