Продолжува граѓанскиот отпор кај кочанското село Бели, во близина на градската депонија. Иако организаторот, здружението Грин орг, официјално ја извести Општина Кочани ,дека протестот го стават во мирување, сепак денеска и понатаму граѓани протестираат и не дозволуват кочанските комунални возила да депонираат смет. Градоначалникот на Кочани повика на разумност , но и побара да се идентификува групата која од денеска продолжува со нови протести.
„Во исто време бидејќи официјалниот организатор се повлече од протрестот и се оградува од понатамошно учество бараме официјална потврда од лицата, кои протестираат, да се идентификуваат но и кои се нивните барања за да постапиме попнатаму“, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.
Сепак групата граѓани, кои денеска продолжија со протестот велат дека тие се истите што и вчера протестираа и не го делат истиот ставот со здружението Грин орг кое си замина од протестите.

„Гринг орг се повлекува од протестите, но тоа не е наш официјален став…Нашите барања се да дефинитивно да не се дозволува депонирање на отпад од соседните општини, бидејќи ниту општината, ниту комуналното претпријатие не се подготвени да се справат со депонијата“, вели Стојан Глувчевски
Во меѓувреме Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево се гушат во ѓубре. Папазов е дециден дека ваков зафат на градската депонија како што се прави изминатите неколку денови не е направен во изминатите педесет години.
„Сакам да ја известам јавноста дека Општина Кочани ги исполни сите услови кои беа поставени и како официјални на седницата на Совет, како и на протестирачите кои се на раскрсницата кај село Бели. Апелирам проблемите од месноста Тупанец, каде се наоѓа депонијата да не се префрлат во Кочани“, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.
Денеска на седница на Совет, Општина Виница донесе одлука за отварање на привремена депонија во близина на село Драгобраште, а Општина Зрновци засега својот смет ќе го собира во фабриката за рециклирање.
Александра Ристевска
