14 месечно бебе почина на Клиника за детски болести. Донесено било во тешка здравствена состојба со респираторна инфекција. Семејството тврди дека детето неколкупати го одбивале за хоспитализација на Детска клиника. Родителите на едногодишното девојче неколку пати го носеле на прегледи во оваа установа, но и покрај влошената состојба, детето било пуштано дома без потребниот третман, тврдат од семејството. По неуспешните обиди за хоспитализација, родителите немале избор па девојчето го однеле во Козле. Таму состојбата му се влошила, па итно било препратено на Детска Клиника. Овој пат девојчето било примено и веднаш хоспотализирано на интензивна нега. По неколку часа, бебето подлегнало на последиците од бронхо-пневмонија и починало.
“Два, три пати биле на Клиниката, не го примиле.Од таму им рекле детето е добро носи го дома…му препишале сируп некој.Вчера отидоа во Козле од таму им рекле како смеело да не го хоспитализираат детето во болницата. Потоа ноќта состојбата му беше полоша, и од Козле го препратија на Клиниката за детски болести…Потоа брат ми ме викна да одам таму, затоа што во лоша состојба е бебето, јас отидов никој не излезе да ми каже инфомација,само еден доктор излезе и ми кажа дека детето не е добро но ќе направат се” – вели чичкото на починатото девојче.
Бебето било примено силно тахикардично, со 70 проценти сатурација, а дадената дијагноза била бронхо-пневмонија масива вели директорот на Клиниката.Докторите имале обид да го реанимираат, но безуспешно. Телото на бебето е дадено на обдукција.

ДСЗИ ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Козле и на Детска Клиника.
“Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање на здравствена заштита” – велат од ДЗСИ.
Обезбедената медицинска документација и изјавите на здравствените работници ќе бидат проследени до министерот за здравство и ќе се иницира формирање комисија за стручен надзор, појаснуваат од ДЗСИ.
Во меѓувреме,на Детската Клиника за живот се бори и новороденчето од Куманото каде почина неговата мајка при пораѓај во кумановската болница. Бебето е на респиратор за дишење, и е во критична здравствена сосотјба.
Јавноста го чека извештајот од стручниот надзор кој треба да покаже кои се причините за смртта на 31 годишната родилка.Дали имало лекарска грешка или не.
Ања Лукарова
