Му понудив на премиерот Христијан Мицкоски ние да ѝ помогнеме на Северна Македонија на патот кон ЕУ и да посредуваме во решавањето на проблемот со Бугарија, останува да видиме дали Софија ќе прифати, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција во Охрид по меѓувладината конференција. Орбан нагласи дека голема неправда ѝ прави ЕУ на Македонија и дека е погазена гордоста на народот.
На новинарско прашање како Унгарија може на Македонија да ѝ помогне за членство во ЕУ, премиерот Орбан рече дека нуди неговата држава да биде посредник во спорот на земјава со Бугарија.
„Следната станица е спогодба и јас имам предлог. Сакам да посредуваме во ова прашање. Дали Бугарија е подготвена да прифати да бидеме посредници, тоа е работа на таа земја. Ние на Мицкоски му понудивме да бидеме посредници. Тешко е да се разбере зошто Албанија е издвоена. Тешко е тоа да го разбере една нација. Сакам да нагласам дека национална гордост е најважно за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Македонија. Тоа создава рани, голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира. Вие до крајот на годинава мора да ги отворите преговорите со ЕУ“, рече Орбан.

Претходно, изложувајќи пред новинарите за содржината на разговорите со Мицкоски, Орбан нагласи дека зачленувањето на Македонија во ЕУ е важно и за Унгарија.
„Најважна тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ и Унгарија како претседавач со ЕУ сака да помогне. Нашиот став е јасен, зачувувањето на Западен Балкан е важно за неговата стабилност, но и за стабилноста на Унгарија па и на самата ЕУ. Унијата во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување. Не го одминуваме фактот дека Унгарија и Молдавија добија вонредно забрзување кон ЕУ, но мора да ги почитувавме земјите кои долго години работат на зачленувањето. Нивниот застој во процесот, како во случајов со Македонија, не е фер. Подготвени сме да разговараме за овие прашања и да работиме на тој план“, рече Орбан.
Тој нагласи дека Македонија е многу важна за безбедноста на Унгарија и од аспект на Коридорот 10, оценувајќи ја позицијата на државата како стратегиска и додаде дека тоа го зборува мислејќи и на мигрантската криза која минува низ оваа траса. Подготвени сме на тој план да помогнеме, добар пример е досегашната соработка со полиција од Унгарија во озбезбедувањето на вашите граници, додаде Орбан.
„Важно ни е Македонија да има стабилна влада и да ѝ помогнеме за зачленување во ЕУ. Ние имавме и добри и негативни искуства во тој наш процес. Располагаме со финансиски средства, но ‘Македонија е на Македонците’, нели, и тие ке кажат каква помош е потребна“, изјави унгарскиот премиер.
Тој потоа уште една нагласи дека Македонија трпи неправди во ЕУ.
„Некои држави, како Македонија, требаше одамна да бидат членки на ЕУ. Патот на Северна Македонија започна одамна заедно со Хрватска, и затоа велам дека ЕУ прави голема грешка кон Македонија. Не гледам причина зошто да биде одвоена од Албанија. Предизвик ќе биде за владата на Мицкоски да се справи со овој проблем“, рече Орбан.
Премиерот Мицксоки, во врска со овие прашања, рече дека ѝ е благодарен на владата на Орбан и додаде дека реформите ќе продолжат и покрај одликата од Брисел.
