Домашните политички фактори не ги коментираат одлуките на Уставниот суд, но затоа претседателката на албанскиот парламент среде Скопје порача дека се надева оти иницијативата за баласерот нема да помине. Во моментов вработувањата по етнички клуч се замрзнати до конечна одлука.
„Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, заснована и на оваа геополитичка реалност на регионот и во взаемниот интерес, ќе продолжи согласно современите демократски стандарди на мултиетничкото општество“ – рече Спиропали.
Елиса Спиропали уште порача и оти се надева дека Законот за употреба на јазиците ќе биде целосно имплементиран.

„Ова е еден од условите што ги гарантира напорите за изградба на функционално мултиетничко општество, засновано на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Исто како што сме заинтересирани, очекуваме со доверба и надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран. Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор“ – рече Спиропали.
Претседателката на Собранието на Албанија рече и оти и било жал што уставните измени кои треба да се донесат под притисок на Бугарија останале заглавени.
Спикерот на македонскoто Собрание, Африм Гаши, пак, немаше коментар на прашањата кои ги отвори неговата албански колешка.
Двајцата разговарале за различни теми и оценија дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи. Македонија и Албанија имаат исти интереси и цели на меѓународен план, а тоа е да станат членки на Европската Унија – рече Гаши.
Гаши и Спиропали се согласиле дека очекуваат и се надеваат Македонија и Албанија заеднички да го продолжат својот пат кон европската интеграција.
Освен службената посета на нејзиниот македонски колега Гаши, Спиропали се сретнa и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој и се пожалил во врска со меѓуетничките односи во земјава, како и, според него, нарушувањето на легитимитетот што произлегува од волјата на народот демократски изразена на избори.
На агендата на Спиропали се најдоа и поранешниот претседател на Собранието и член на ДУИ, Талат Џафери, како и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Покрај средбите со опозицијата, не е предвидено таа да разговара со претставници на владејачката партија.
