Љупчо Палевски Палчо и останатите 4 обвинети меѓу кои и Александар Ѓорчевски- таткото на Вања утре седнуваат на обвинетелна клупа. Судењето е закажано за во 10 часот во скопскиот Крвичен суд. Палчо се товари дека бил организатор на грабнувањата и извршител на убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. За нив обвинението беше поднесено во мај годинава, истиот временски период кога Палевски беше екстрадиран од Турција во Македонија. Тој беше во бегство една недела по убиството, а на 6-ти декември беше уапсен од турската полиција во градот Беликесир. Осомничен дека му помагал на Палевски во бегството беше неговиот шофер од Белград до Турција – Стефан Димковски кој како што рече го носел во болница. Обвинението против Палевски од скопскиот Крвичен суд беше прифатено вчера, а се очекува на утрешното рочиште на барање на обвинителството постапката за сите 5 обвинети да биде споена во еден предмет.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

