Реклама
Прилози

Водоводот во Манастирот „Трескавец“ треба да биде готов до средината на септември

Се интензивираат градежните работи за финиширање на водоводот во веќе целосно обновениот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Се интензивираат градежните работи за финиширање на водоводот во веќе целосно обновениот Манастирски комплекс „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“. Ова исклучително вредно и национално заштитено македонско културно-историско наследство, но и прочуено балканско духовно светилиште, свиено како орловско гнездо на надморска висина од дури 1280 метри, конечно кон средината на септември ќе го добие и современиот водовод, уверуваат од Општина Прилеп. Иако, според ланските проценки на ЛС водоводот требаше да биде готов до утрешниот празник, сепак заради извесни технички проблеми со кои се соочил изведувачот – битолската компанија „Игнација“, а ангажирана од ТАВ Македонија, тој рок е пролонгиран за до наредниот месец.

 „Ние, и во досегашната изведба, неколкупати реагиравме, со тоа што ги повикавме на разговор и изведувачот и лице-претставник од ТАВ каде што укажавме дека не сме задоволни од динамиката на изведувањето. Така ќе постапиме и овие денови, бидејќи наше е ветувањето и најголемата тежина паѓа на ЛС како најодговорна, а всушност ние немаме потпишано одговорност за Договорот…и повторно ќе упатиме една протесна нота дека сепак не сме задоволни од динамиката…Ние, како ЛС, освен да сугерираме и да изразиме незадоволство, други казнени мерки не можеме да преземеме“ – изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

  Вкупната вредност на манастирскиот водоснабдителен систем, во кој е вклучена и Пречистителна станица, е околу 150.000 евра, односно 100.000 евра се обезбедени од Светската банка преку ТАВ Македонија, а додека останатите 50.000 евра ги кофинансира општина Прилеп. По целосната изградба, според Договорот, со водоводот ќе стопанисува ЈКП „Водовод и канализација“.

Реклама

  „Спецификацијата покажа дека има мали корекции во текот на градбата, во текот на изведувањето на овие градежни активности, но анулирани се сите недостатоци и така што мислам дека од средината на септември комплет ќе имаме и питка, и техничка вода во Комплексот на манастир „Трескавец“, – потенцира Јовчески.

   Бидејќи се работи за Манастирски комплекс кој е културно заштитетно наследство, Општината има склучено Договор и со НУ „Завод и Музеј“ за надзор при актуелните градежни работи, од аспект да не се наиде на некои историски артефакти.

  Инаку, Манастирот „Трескавец“ датира од 13-от век. Во 2013 година беше зафатен од силен пожар кој до темел ги пеплоса конаците. Денес конаците се целосно возобновени, но без изградба на водоводот, нивниот технички прием е невозможен, со што собите и понатаму остануваат затворени за посетителите.

Каролина Дурло