Започна испораката на учебниците. Министерката за образование Весна Јаневска, со порака до директорите на училиштата да бидат подготвени и да го организираат приемот на книгите. Освен учебниците за странски јазици, по сите други предмети учебници ќе има на почетокот на учебната година.
„Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сѐ уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите. Повторувам дека ќе нема учебници по странски јазици, не по вина на оваа Влада, туку по вина на претходната Влада, затоа што тендерот е поништен и сѐ уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, да ја чекаме да заврши таа процедура. Другото, се надевам ќе биде сѐ во ред“, рече министерката за образование Весна Јаневска.
Ќе има учебници историја и општество за петто и шесто, и историја и географија за седмо одделение.

„Нив ги видов како урнек и навистина се убави учебници“, додаде Јаневска.
Министерството за образование неодамна го запре конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, кој беше објавен во април годинава. Во меѓувреме, започна јавна консултација со Бирото за развој за наставните програми за 7,8 и 9 одделение со цел оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите на наставниците практичари, чие мислење се смета дека е најважно во процесот на обликување на воспитно-образовниот систем.
Од 1 септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.
Љубиша Владимиров
