Независноста, или воопшто начинот на кој функционира Судскиот Совет, изборот на обвинители и судии, финансиската зависност во правосудството, како и контроверзните измени на кривичниот законик – остануваат да бидат најболните точки за кои Македонија добива остри критики од Европската унија. Во својот најнов извештај за владеењето на правото во Унијата, во кој за прв пат се вклучени и земјите кандидати од Балканот, стои дека и покрај реформите, во Македонија независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Итно се потребни реформи.
- „Нивото на утврдена независност на судството е многу ниско. Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми.“ – се наведува во Извештајот.
Според ЕК, проблем преставува и финансирањето на правосудсните органи, но и недостатокот на кадри, што влијае на ефикасноста на правосудниот систем.
- „Ограничените финансиски средства доделени на судството може да влијаат на нивната финансиска независност, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата. Се развиваат дигитални алатки за управување со случаи. Ефикасноста на судството е намалена за првостепените граѓански, трговски и кривични предмети, додека таа остана стабилна за второстепените предмети, се додава во текстот.“ – Пишува во извештајот.
Во извештајот акцент е ставен и на корупцијата, за која што велат дека иако има закони за да се сузбие, не се спроведуваат доследно.

- „Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“ – Се додава во документот.
Меѓу другото, од комисијата велат дека, политичката поларизација во македонското Собрание предизвикало доцнење на носењето закони, што довело до „прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на забрзани законодавни процедури“.
Никола Цветкоски
