По тешката и непроспиена ноќ, од денеска напладне, битолчани можат да здивнат. Големиот пожар кој избувна вчера во попладневните часови кај местото викано Смолево во подпелистерието, денеска околу пладне, целосно е изгаснат. Беспоштедната борба со пламените јазици кои му се закануваа дури и на Националниот парк „Пелистер“, а и на селото Буково, траеше преку 20 часа.
- „Пожарот кај Битола, на Пелистер е изгаснат целосно од страна на битолските пожарникари, со поддршка на хрватскиот канадер и два ЕР- трактори на ДСЗ“, – ни рече за Алфа, Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Дека овој пожар денеска е ликвидиран, а кој уште од стартот беше окарактеризиран како тежок, пред се’ заради тешко пристапниот терен, но и заради боровата шума, а за која се знае дека е доста опасна при согорувањето, ни потврди и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
- „Доста тешко е, затоа што боровата шума е борова шума, мислам опасна е и не можеме да се доближиме во никој случај“, – кажа Горан Димковски, командир на ТППЕ Битола.
- „Како и завчера, така и денеска, до пладне ете, успеавме да му се спротиставиме и на овој оган. За волја на вистината, синоќа колку-толку ни помогна и дождот што подзаврна и кој иако целосно не ги изгасна огромните пламени јазици, ама барем им ја зеде силата, а скриените жаришта – ги загуши. Сепак, работата најмногу ја завршија четирите воздухоплови кои утрово ни беа испратени како државна воздушна поддршка на над стотината пожарникари, вработени од јавните претпријатија, доброволни друштва, но и граѓани кои цела ноќ беа очи во очи со распламтената стихија. Огромна благодарност до сите нив“, ни изјави градоначалникот Коњановски.
Засега, нема информации за тоа што се опустоши овој пожар кој беше на само десетина километри од Националниот парк „Пелистер“, а кој започна во близина на Смолевската рекреативна зона над „Тумбе кафе“ и за кратко да се прошири кон Стрежевскиот канал и кон селото Буково. А со оглед на тоа што овој пожар избувна на сосема спротивна страна од завчерашниот и тоа од среде шума, се посериозни се сомневањата дека пожарите се подметнуваат, заради што и МВР максимално ги засилува контролите.

Каролина Дурло
