Реклама
Македонија

Тензични избори во СДСМ: Петровска, Филипче и Бајдевски продолжуваат со игнорантскиот однос кон Алфа

Тензичен ќе биде изборот за нов лидер на СДСМ, партијата „на мускули“…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Тензичен ќе биде изборот за нов лидер на СДСМ, партијата „на мускули“ ќе бира наследник на Димитар Ковачевски. Од трката се повлече Славјанка Петровска, остануваат Венко Филипче, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. Се обидовме од сите да снимиме изјава, но како и досега, игнорантскиот однос на поранешната власт кон Алфа, продолжува и сега, кога се во опозиција.  Петровска ја баравме телефонски и преку СМС порака, но не добивме никаков одговор.

Таа на два дена пред изборите се повлече, обвинувајќи дека се случувал нефер изборен процес, регистрацијата на членството не се вршела лично од нив, а некои од противкандидате ги обвини дека злоупотребувале лични податоци на сопартијци.

-Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи веќе се испечатени материјалите, меѓутоа јас лично нема да излезам да гласам и се разбира мислам дека тоа треба да го направат и останатите. Не е прашањето кој од нас четворица ќе биде избран, верувајте дека влогот е многу поголем, во прашање е СДСМ и легитимитетот на сите одлуки кои во иднина треба да бидат донесени, со едно раководство кое ќе биде времено раководство, кое ќе биде избрано во согласност измени на статут ќе треба да се предложат, кажа Петровска.

Реклама

Иако ги повика и другите да се откажат од трката, тоа не го стори никој од останатите тројца. За изјава го баравме и Венко Филипче, но и тој не одговори на телефонските повици на Алфа. Вчера во изјава за битолската телевизија Тера, кажа дека СДСМ ја чека многу работа по катастрофалниот пораз на изборите.

-Првата работа, приоритет е обединувањето на сите членови. Видовме дека има разединување, видовме дека наши членови гласаа за други политички субјекти. Сметам дека со подобрување на комуникацијата со сите членови, на секое ниво ќе започне процесот на обединување и враќање на заемната доверба. Подобрување на работата и односите со медиумите и повторно отворање на платформата за соработка со различни организации, изјави Филипче.

На телефонските повици и СМС пораката не одговори ниту Александар Бајдевски, кој во изјава за друг медиум кажа дека на СДСМ му треба идеолошко рестартирање.

-Членството е разочарано, членството можеби се осеќа излажано, напуштено овој период, но сепак од присуството на состаноците, се уште има енергија, се уште има жар во членовите да помогнат во некој ќе рече нов или можеби нов почеток на Социјалдемократскиот сојуз, јас ќе кажам да се вратиме малку идеолошки чекор назад, да го вратиме оној стариот државотворен СДСМ, изјави Бајдевски.

Единствен кој одговори на повикот на Алфа беше Јован Деспотовски, кој ни кажа дека денеска не можел да зборува, бидејќи „во партијата бил предизборен молк“. Тој, вчера на друг медиум изрази несогласување со обвинувањата на Петровска, но признава дека целиот изборен процес во партијата е лош и сложен.

-Ние во неколку наврати побаравме олеснување на тој процес. Јас побарав пред два дена, се уште очекувам одговор, да на секој член на СДСМ кој што има желба да учестува во изборниот процес, на 30.06 тоа да му го овозможиме само со покажување на лична карта. Заради тоа што не мислам дека СДСМ никогаш, а посебно не сега, може да си го дозволи луксузот да враќа луѓе од избирачко место. Така што јас навистина очекувам дека раководството на партијата, Централната изборна комисија ќе го уважи овој наш предлог, изјави Деспотовски.

И претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ, Викторија Аврамовска Мадиќ, не се согласува со поранешанта министерка за обрана, вели од нивна страна било направено се за да има фер и демократски избори во партијата.

-Централната изборна комисија согласно статутот и одлуките на Извршниот одбор и Централниот одбор, кои се донесени на високите органи, ќе ја продолжи постапката, а тоа е нивно право, бидејќи процесот си е легитимен, демократски, си е спроведен во најдобар ред и ќе си продолжи гласањето и гласањето во недела од 8 до 20 часот ќе си се спроведе во општинските организации. Останатите тројца доставија предлог список на контролори на избирачките места, кои што ќе ја следат работата во недела, изјави Аврамовска Мадиќ 

Доказ за незадовоството во СДСМ по историскиот пораз се покажува и со бројот на пријавени за гласање, нешто помалку од 23 илјади. Тоа за три и четири пати помалку во однос на петходните избори за партиски лидер, кога победија Зоран Заев и Димитар Ковачевски. За победа на утрешните избори потребно е да се освои мнозинство од членството кои ќе излезат да гласаат во општинските организации.

Матеја Петровски