За Петранка Димишкова новата услуга „Итно копче“ дава нова надеж и чувство на сигурност, дека во нејзината тридецениска борба со дијабетесот и локалната самоуправа стои зад неа, да и се најде кога и е најпотребно.
Во соработка со црвениот крст, а финансирано од општината Кисела Вода, најранливите катеогрии граѓани од овој дел на главниот град, добиваат нова социјална услуга, достапна 24/7. Нараквицата со копче, која од денес ќе ја носат неколкумина, ќе овозможи брз пристап до помош. Првата ја доби токму Димишкова.
- „33 години дијабетичар, сама се справувам. Не барам брза помош, едуцирана сум. Ако ми паѓа шеќерот или кока кола или бомбона. Ги барам децата, роднините, пријателите и тн… Брза помош ретко кога барам. Не е сеедно. Стануваш инвалид во еден момент. Не можеш ништо да обавуваш сам, ти треба помош. “ – Истакна Петранка Димишкова.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, вели дека услугата ќе биде наменета за постарите и изнемоштените, како и за лицата со посебни потреби. Услугата ќе значи чекор напред во грижата за најранливите граѓани.

- „Општина Кисела Вода и досега беше лидер во обезбедување на услуги за постарите и изнемоштените лица и лицата со посебни потреби. Ние први започнавме со услугата за бесплатен превоз, овозможувајќи им на нашите повозрасни сограѓани транспорт до лекар или до некоја институција за вршење на административни услуги. Оваа услуга продолжува и годинава, но со големо задоволство ја промовираме и новата услуга со бесплатни нараквици со итно копче.“ – Истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски.
Од „Црвен крст“ велат дека досега имале плодна соработка со Кисела Вода. Сметаат дека оваа општина треба да биде пример и за другите.
- „Досега бевме многу успешни во спроведување на проектот „санитетски транспорт“ сега ја промовираме новата услуга на територијата на о. Кисела Вода, а тоа е „Итно копче“. Ова се сервиси организацијата на црвениот крст што веќе три години ги имплементира во нашата држава. Сега сме во фаза кога може да ги нудиме на сите заинтересирани градоначалници во Скопје засега “ – Изјави Саит Саити од Црвен крст.
За почеток, 40 жители на Кисела Вода ќе добијат вакви нараквици, но, по потреба се очекува набавка и на нови, со цел оваа услуга да стигне до секој на кој што му е потребна.
Сѐ што треба да се направи, е корисникот да го притисне копчето на уредот, по што ќе добие повик од операторот на контакт центарот на „Итно Копче“. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.
Никола Цветкоски
