Со уредување на локалитетот Л’џи, од каде што извира термалната вода за Бања Кажовица, започнува обновувањето на една од најпрепознатливите населби, штипско Ново Село. Ќе се обновуваат сместувачките капацитети во бањата, ќе се реконструира и осветли мостот на реката Брегалница, а ќе се уреди и речното корито. Предвидена е реставрација на една стара куќа, а на уште десетина ќе им се обноват фасадите во стилот на традиционалната македонска архитектура. Целта е Ново Село да прерасне во музеј на отворено.
„Тоа што го имаме како цел е буквално Ново Село да биде музеј на отворено и секој посетител кој ќе дојде во оваа населба едноставно да го добие тој автентичен изглед и претстава“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Куќата која по реставрацијата ќе стане музејски простор се наоѓа на главната улица во Ново Село. Во неа ќе биде сместена поставка со автентични предмети и ентериер, преку кои ќе се долови некогашниот живот во оваа населба, позната по своето револуционерно минато.
„Ќе биде уредена по тој историски карактеристичен стил во којшто функционирале тогашните луѓе. Значи, еден вид музеј каде што посетителите ќе можат да видат како Ново Село се развивало и која традиција ја носело низ историјата“, изјави Трајче Здравков, директор на ИПР.
За реализација на проектот се обезбедени околу 380.000 евра преку програмата за прекугранична соработка на Центарот за Источен плански регион. Дополнителни средства за фасадното уредување на десетината куќи ќе издвои и Општина Штип од буџетот за 2027 година.
