– Петтото издание на „Слоу Фуд салонот“ ќе се одржи денеска во Скопје, каде посетителите ќе имаат можност да дегустираат и купат традиционални домашни производи, но и да учествуваат на бројни едукативни, интерактивни и стручни настани посветени на храната.
Настанот е во организација на „Слоу Фуд Водно„ и „Слоу Фуд Македонија“, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шведска и We Effect
Настанот, кој ќе трае од 11 до 20 часот, ќе ги собере производителите од сите конвивиуми на „Слоу Фуд Македонија“, кои ќе понудат млечни и сувомесни специјалитети, зимница, домашни сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка, џемови и други автентични деликатеси за љубителите на добрата храна.
Покрај изложбено-продажниот дел, организаторите најавуваат богата програма со мастер-класови за наградувани вина во 2026 година, пивски стилови и дестилати, ккако и „Слоу Фуд миксологија“, преку која ќе бидат претставени интересни коктел-комбинации подготвени со пијалаци од „Слоу Фуд производители“.
Во рамки на „Слоу Фуд Арена“ ќе се одржат и панел-дискусии на три актуелни теми: „Кога искуството ги среќава новите трендови – здрава детска исхрана за сите“, „Обичаите како начин за воздигнување на храната“ и „Вишокот храна: одговорности и решенија“.
Посетителите ќе можат да присуствуваат и на демонстрации за подготовка на леб од кисело тесто и традиционално производство на сирење во рамки на Школата за одржлива гастрономија, како и да се запознаат со активностите на „Слоу Фуд“ фармите, а на „Слоу Фуд“ ѕидот – интерактивен простор посетителите ќе имаат можност да остават свој белег преку омилен рецепт, кулинарска мисла или порака посветена на храната.
Програмата вклучува и семинар за младински активизам, посветен на идеите, иницијативите и енергијата на младите кои сакаат активно да придонесат за промени во системот на храна.
За најмладите посетители е подготвена посебна авантура во детското катче „Не лути се, полжавче” каде што преку игра и забава ќе можат да го откриваат светот на храната.

