Не може да се потцени траумата што ја носи која било држава што во својата историја ја искусила војната. Но, можеби најсимболично одекнаа повиците против неа токму во германските градови, а особено во Берлин, за време на младинските протести минатата недела кои ги проследи на лице место и МИА. Германија, која под нацистичкиот режим ја предизвика Втората светска војна и беше одговорна за едни од најстрашните злосторства во историјата на човештвото, по поразот во 1945 година се соочи со последиците од сопственото историско наследство – окупација, поделба на Источна и Западна Германија, репарации и децениски процес на обновување и повторно обединување. Но, покрај политичките и територијалните последици, земјата минуваше и низ долготраен, сложен процес на соочување со нацистичкото минато, признавање на историската одговорност и прифаќање на грешките и злосторствата извршени во нејзино име. Токму затоа, сликата на младите берлинчани, кои излегоа на улиците против новите модели на воена служба и сè поизразената милитаризација, носи посебна симболика – во град чија историја е длабоко обележана од последиците на војната, повикот за мир има особена тежина.

Тоа особено се чувствуваше во пораките на демонстрантите на протестите минатата недела, испишани на транспарентите и извикувани низ улиците: „Ниту еден човек, ниту цент за Бундесверот“, „Антиавторитарно, антикапиталистички“, „Сите сме антифашисти“, „Гнев и решение – револуција“, „Вашите војни без нас“. Пораките ја отсликуваа загриженоста на една генерација која не сака да биде дел од воени политики и конфликти чии последици би можела да ги почувствува токму таа.

Екипата на МИА ги проследи протестите, но истовремено одблизу ја доживеа атмосферата на Берлин и секојдневниот живот во градот, во кој се преплетуваат незадоволството на младите, актуелните германски политички и геополитички предизвици, стравот од повторување на минатото и загриженоста за иднината, не само од безбедносен, туку и од економски аспект, во услови на постојан раст на трошоците за живот.

А додека германската престолнина се соочува со овие предизвици, градот продолжува да живее со својата препознатлива динамика, меѓу зачувувањето на историското наследство и постојаното создавање на новото. На бреговите на Шпре, каде што улиците и градбите сè уште ја раскажуваат сложената приказна за поделбата по Втората светска војна и повторното обединување, протестните поворки се испреплетуваа со секојдневниот живот. Истовремено, подготовките за претстојните божикни празници веќе беа видливи, со отворањето на првите божикни базари.
Берлин – градот во кој спомениците ја раскажуваат историјата на војните, поделбите и човечките жртви
Во срцето на германската престолнина, на плоштадот Паризер плац, се издигнува Бранденбуршката порта, еден од најпрепознатливите историски споменици во Европа и симбол на бурната германска историја. Изградена кон крајот на 18 век како монументален градски влез, таа повеќе од два века била сведок на војни, политички пресврти, поделбата на Берлин и повторното обединување на Германија.

Портата е подигната меѓу 1788 и 1791 година по налог на прускиот крал Фридрих Вилхелм Втори, а во 1793 година на нејзиниот врв е поставена квадригата – скулптура на божицата на победата Викторија со кочија и четири коњи. По Втората светска војна и изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961 година, портата останала во забранетата гранична зона, недостапна за жителите на двата дела на градот речиси три децении. По падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година и официјалното отворање на Портата на 22 декември истата година, таа прераснала во симбол на слободата, единството и обединувањето.
Кон неа се надоврзува Зигесојле (Siegessäule), монументалниот Столб на победата на плоштадот Гросер Штерн во Тиргартен, изграден меѓу 1864 и 1873 година по пруските војни со Данска, Австрија и Франција. Висок е околу 67 метри, на врвот ја носи златната статуа на Викторија, а 285 скалила водат до видиковецот со панорамски поглед кон Берлин.

Столбот првично бил поставен пред зградата на Рајхстагот, но во 1938 и 1939 година, за време на нацистичката власт, бил преместен на денешната локација во Тиргартен, како дел од плановите за монументално преуредување на Берлин.
Иако е подигнат како споменик на воените победи, денес Столбот на победата има и пошироко историско и културно значење. Тој сведочи за пруската воена моќ, создавањето на обединета германска држава и подоцнежните политички трансформации низ кои минувал Берлин. Во град кој во 20 век беше симбол на поделбата на Европа, овој споменик останува еден од визуелните ориентири што ја раскажуваат неговата сложена историја.
На почетокот на најпознатиот парк во Берлин Тиргартен и во близина на Бранденбуршката порта се наоѓа Споменикот на советските војници, подигнат за припадниците на Црвената армија загинати во битката за Берлин во 1945 година и отворен на 11 ноември истата година.

Во центарот е осумметарска бронзена статуа на војник со полукружна колонада, два тенка Т-34 и артилериски орудија, а на локацијата се погребани околу 2.500 советски војници.
Во близина на Бранденбуршката порта е и Споменикот на убиените Евреи во Европа, посветен на шесте милиони Евреи кои настрадале во Холокаустот.

На околу 19.000 квадратни метри поставени се 2.711 бетонски стели со различна висина и тесни патеки меѓу нив, без централен споменик или зададено толкување, оставајќи го посетителот сам да се соочи со сеќавањето на прогонството и страдањето.
Барајќи знаменитости кои сведочат за војните, поразите, победите и значењето на мирот, наидовме на масивната бетонска градба во квартот Мите, со невообичаена надворешност, дизајн без прозорци, за да разбереме дека станува збор за Борос. Оваа бетонска градба е изградена во 1942 година како железнички бункер за заштита од воздушни напади.

По војната служел како затвор и магацин за текстил и тропско овошје, па оттука го добил и прекарот „банана бункер“, а во 90-тите станал дел од техно-клупската сцена. Кристијан Борос ја купил зградата во 2003 година и ја претворил во галерија за современа уметност, отворена во 2008 година.
Но меѓу сите споменици, тишината за жртвите на војната и насилството особено ја пренесува „Ноје Вахе“ (Neue Wache – „Нова стражарница“), изградена од 1816 до 1818 година како кралска стражарница, а денес централен меморијал за жртвите на војните и тиранијата.

Во средината на речиси празниот простор се наоѓа скулптурата „Мајка со мртов син“ од Кете Колвиц.

Природната светлина што навлегува низ отворот на покривот ја осветлува скулптурата, а тишината и едноставноста на просторот ја претвораат во универзален симбол на страдањето и човечките загуби во војните.
Монументалниот Рајхстаг – архитектонскиот симбол на германската демократија
Со својата величествена фасада, натписот „Dem Deutschen Volke“ – „На германскиот народ“ и стаклената купола, Рајхстагот е една од најпрепознатливите градби во Берлин. Изграден меѓу 1884 и 1894 година со елементи на ренесансата, барокот и класицизмот, денес ги спојува историското наследство и современата архитектура.
Стаклената купола на архитектот Норман Фостер овозможува поглед кон градот и кон пленарната сала на парламентот, како симбол на отвореноста и транспарентноста на демократската власт. Зад фасадата стои бурна историја – од прогласувањето на републиката во 1918 година, пожарот во 1933 година и воените уривања, до обединувањето на Германија.

Бил изграден како седиште на парламентот на новосоздаденото Германско Царство по обединувањето на Германија во 1871 година, а на 9 ноември 1918 година, од неговиот западен портал, Филип Шајдеман ја прогласил републиката. Пожарот во февруари 1933 година станал повод што нацистичкиот режим го искористил за суспендирање на основните граѓански права и зацврстување на диктатурата. Во последните денови од Втората светска војна, на 30 април 1945 година, советските војници го поставиле црвеното знаме на покривот на Рајхстагот, кој потоа останал тешко оштетен и без својата поранешна парламентарна функција во периодот на поделена Германија.

По падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на земјата, Бундестагот во 1991 година одлучил парламентот повторно да се пресели во Берлин, по што зградата била реконструирана според проектот на британскиот архитект Норман Фостер. Во април 1999 година Рајхстагот повторно станал седиште на германскиот парламент, добивајќи ја препознатливата стаклена купола, симбол на транспарентноста и демократската контрола.
Тешко е да се остане рамнодушен пред градба која во текот на нешто повеќе од еден век била сведок на прогласување република, пожар, диктатура, војна, поделба и повторно обединување. Рајхстагот е место каде што германската историја не е само зачувана во каменот на фасадата, туку продолжува да се испишува секојдневно, во парламентарните дебати и одлуки.
„Унтер ден Линден“ – берлинскиот булевар на знаењето, уметноста и културното наследство
Кога се движите низ градот за да впиете дел од значењето и убавината на берлинските знаменитости, неминовно е да го посетите булеварот „Унтер ден Линден“, кој води од Бранденбуршката порта кон реката Шпре и е едно од главните културни и образовни средишта на Берлин.
Покрај него се сместени Универзитетот „Хумболт“, основан во 1810 година, Берлинската државна библиотека, со почетоци од 1661 година, и Државната опера, отворена во 1742 година по налог на Фридрих II Велики.

Изградбата на денешната главна зграда на Универзитетот „Хумболт“ започнала во 1748 година, како планирана градска палата на принцот, но во 1809 година прускиот крал Фридрих Вилхелм III ја отстапил за потребите на новооснованиот универзитет, чија настава започнала во 1810 година. Универзитетот е тесно поврзан со филозофот и реформатор на образованието Вилхелм фон Хумболт, а меѓу неговите професори и студенти биле филозофите Георг Вилхелм Фридрих Хегел и Артур Шопенхауер, физичарот Алберт Ајнштајн и историчарот Теодор Момзен.
Во 1949 година институцијата го добила денешното име во чест на браќата Вилхелм и Александар фон Хумболт, а историската зграда, проширена со две странични крила во периодот 1913 – 1920 година и обновена по оштетувањата во Втората светска војна, денес е дел од културното и образовното јадро на Берлин.
Над влезот на монументалната зграда на Државната опера стои латинскиот натпис „Fridericus Rex Apollini et Musis“, што во превод значи „Кралот Фридрих – на Аполон и музите“. Посветата се однесува на прускиот крал Фридрих II Велики, кој ја нарачал изградбата на операта, свечено отворена во 1743 година. Аполон, античкиот бог на музиката и уметноста, и музите, заштитничките на уметностите и науките, ја симболизираат културната визија на владетелот.

Денес, повеќе од два и пол века подоцна, операта и понатаму е еден од водечките културни центри на германската престолнина, со оперски претстави, концерти и балетски изведби.
На булеварот се наоѓа и „Цојгхаус“, некогашен пруски арсенал од крајот на 17 век, денес Германски историски музеј. „Цојгхаус“, изграден меѓу 1695 и 1706 година по наредба на бранденбуршкиот изборен кнез Фридрих III, е најстарата градба на булеварот „Унтер ден Линден“ и еден од најзначајните примери на северногерманскиот барок.

Првично замислен како пруски арсенал, објектот во 19 век бил преуреден во музеј на воената историја, а по обединувањето на Германија во 1990 година станал седиште на Германскиот историски музеј, посветен на политичкото, военото, општественото и културното минато на земјата.
Во непосредна близина на овие сведоци на германската историја се наоѓа и „Островот на музеите“, кој е посебен комплекс на северниот дел од островот на реката Шпре, со пет музеи – Пергамскиот музеј, Стариот музеј, Новиот музеј, Старата национална галерија и Музејот Боде. Тој е впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1999 година.
На островот на музеите, покрај реката Шпре и во непосредна близина на Берлинската градска палата, се издигнува Берлинската катедрала (Berliner Dom), една од највпечатливите архитектонски знаменитости на германската престолнина. Со својата монументална купола, четирите кули, богатите скулптури и раскошната фасада, таа доминира над плоштадот Лустгартен и сведочи за времето кога Берлин бил центар на моќта на Пруското Кралство и Германското Царство.

Историјата на катедралата датира од 15 век, но денешниот изглед го добила на почетокот на 20 век. По налог на германскиот цар Вилхелм II, старата црква била урната, а на нејзино место била изградена нова монументална катедрала според проектот на архитектот Јулиус Карл Рашдорф.
Градбата била осветена во 1905 година, замислена како протестантски одговор на големите европски катедрали, особено на базиликата „Свети Петар“ во Рим.

Дијагонално од неа, на плоштадот Бебелплац, се наоѓа католичката катедрала „Света Хедвига“, седиште на Католичката надбискупија на Берлин и еден од најзначајните католички храмови во Германија.
Изградена меѓу 1747 и 1773 година, по иницијатива на прускиот крал Фридрих II Велики, таа е првата католичка црква изградена во Берлин по реформацијата, со архитектура инспирирана од римскиот Пантеон. Во Втората светска војна била речиси целосно уништена, а по повоената обнова и долгогодишната реконструкција, на 24 ноември 2024 година повторно била отворена за верниците и посетителите.
Така, просторот околу „Унтер ден Линден“, кој успеавме да го посетиме, ни остави впечаток дека претставува своевидно сврзно ткиво на пруската историја, просветителството, науката, уметноста, музиката и верското наследство на Берлин, но и пошироко.
Телевизиската кула и Александерплац – препознатливите симболи на поранешен Источен Берлин
Телевизиската кула, плоштадот Александерплац и Светскиот часовник се едни од најпрепознатливите урбани обележја во некогашен Источен Берлин, кои го следат развојот на градот низ поделбата и по обединувањето, и денес се меѓу најфреквентните точки за жители, туристи и улични уметници.

Видлива е разликата во атмосферата – онаа покласичната и историската на „Унтер ден Линден“ и прогресивната и помодерната на плоштадот Александерплац, кој беше и појдовна точка за берлинските протести на младите на 20 ноември.

Плоштадот со децении е важен транспортен, трговски и урбан центар, а денес претставува место каде што се среќаваат туристи, локални жители, улични уметници и минувачи.
На плоштадот се наоѓа и Светскиот часовник (Weltzeituhr), поставен на 30 септември 1969 година според проектот на Ерих Џон.

Металната конструкција ги прикажува 24-те временски зони преку имиња на градови од различни континенти, со подвижен прстен и модел на Сончевиот Систем на врвот, останувајќи повеќе од пет децении омилено место за средба и симбол на поврзаноста на градот со светот.
Телевизиската кула (Fernsehturm) на плоштадот Александерплац, висока 368 метри, била изградена од 1965 до 1969 година како симбол на технолошката моќ и амбициите на поранешна Источна Германија, а денес е една од најпрепознатливите обележја на обединет Берлин.

Од набљудувачката платформа на височина од околу 203 метри и ресторанот „Сфера“, на 207 метри, се отвора панорамски поглед на градот. Посебно доживување е ресторанот „Сфера“, сместен на височина од околу 207 метри. Неговата платформа полека се врти околу сопствената оска, овозможувајќи им на гостите да го разгледаат целиот град без да стануваат од масата. Така, додека се менува панорамата зад прозорците, се добива впечаток дека целиот Берлин се движи под посетителите.

Интересно е што при одреден агол на сончевата светлина на металната сфера се појавува одраз во форма на крст, поради што во времето на социјалистичката власт меѓу жителите се проширила шегата за „одмаздата на папата“, бидејќи христијански симбол се појавувал на една од најважните државни градби во атеистичката Источна Германија.
Тиргартен и реката Шпре – зеленото и урбаното лице на Берлин
Во градот што ги носи длабоките траги на војната, поделбата и повторното обединување, Тиргартен е едно од местата каде што Берлин ја покажува својата помирна, зелена и поинаква страна. Сместен во централниот дел на германската престолнина, овој огромен парк претставува вистинска зелена оаза меѓу прометните булевари, историските градби и модерната урбана архитектура.

Тиргартен или „животинска градина“, првично бил ловиште на пруските владетели, а денес зафаќа околу 210 хектари и е најголемиот парк во централниот дел на Берлин.
Го пресекуваат патеки, езерца и булеварот „Штрасе дес 17 јуни“, а во него се веќе споменатите Столб на победата, Советскиот воен меморијал и Карилонот од 1987 година.

По оштетувањата во Втората светска војна и сечата на дрвја за огрев во повоениот период, повторното пошумување од 1949 година постепено го обнови паркот во зелена оаза за рекреација и одмор.
Зелените површини, мостовите и кејовите покрај реката Шпре се дел од урбаниот пејзаж каде што природата, архитектурата и историјата се спојуваат со секојдневието.

Покрај Шпре, особено околу мостот кај станицата „Фридрихштрасе“, се отвора поглед кон реката, постарите згради и современата архитектура долж двата брега.
Станицата „Фридрихштрасе“ со децении има сообраќајна улога, но и посебно историско значење како еден од најпознатите гранични премини меѓу Источен и Западен Берлин, а денес е раздвижен транспортен центар. Шпре тука е природна оска со мостови, шеталишта и објекти што ги спојуваат зеленилото, историските траги и современиот урбан живот.

Инаку, Берлин е град низ кој течат три главни реки – Шпре, Хавел и Даме, чии речни текови и брегови се важен дел од неговиот урбан пејзаж. Меѓу нив, Шпре е најпрепознатлива водена оска на историскиот центар, покрај која се развивале некои од најзначајните градски знаменитости.
Берлин го спојува историското наследство со современата урбана трансформација
Германската престолнина постојано го менува урбаниот лик, настојувајќи да го зачува историското и архитектонското наследство и да одговори на современите потреби преку обнова на згради, модернизација на инфраструктурата и нова изградба. Во град со околу 3,7 милиони жители, контрастот меѓу минатото и сегашноста е видлив насекаде – од обновените објекти и широките булевари до градилиштата и инженерските решенија.
Пример за спој на наследството и современата архитектура е реконструираната Берлинска градска палата, каде што денес е Хумболтовиот форум.

Историјата на палатата почнува во 1443 година, со векови била резиденција на Хоенцолерн со барокни фасади од 1698 – 1716 година, а по оштетувањата во 1945 година била урната во 1950 година во тогашна Источна Германија, по што на нејзино место бил подигнат Палатот на Републиката, подоцна отстранет.
По одлуката од 2002 година и реконструкцијата што почна во 2013 година, обновените барокни фасади се споени со современ ентериер, а од 2020 година објектот работи како Хумболтов форум за уметност, наука и светски култури.

Истовремено продолжува проширувањето и модернизацијата на инфраструктурата. И покрај забавувањето на станбената изградба, во Берлин се забележува нова динамика во планирањето на станбени проекти. Во 2025 година биле завршени 11.027 станови, што е за 28,2 отсто помалку од претходната година, но бројот на одобрени станови се зголемил за 40,7 отсто, достигнувајќи 13.754, што е прв раст во последните осум години, покажуваат податоците на Статистичката служба на Берлин и Бранденбург.

На улиците често се гледаат и розови и сини цевки над тротоарите и коловозите, привремени системи за испумпување и пренасочување подземни води од градилиштата поради низинската положба и високото ниво на подземни води. Со нив водата се пренасочува од градилиштата кон реката Шпре.

Додека престојувавме во Берлин и ги разгледувавме неговите улици, плоштади и знаменитости, добивме впечаток дека градот се менува, но притоа не се откажува од својата историска меморија. Старите градби, спомениците и архитектонските обележја од различни епохи коегзистираат со современи објекти, нови урбани решенија и инфраструктурни зафати, кои одговараат на потребите на денешните жители.
Токму во тој контраст се препознава карактерот на Берлин, град во кој минатото не е само зачувано како спомен, туку е дел од секојдневниот живот, додека современиот развој постојано му дава нов изглед и содржина.
Берлин меѓу можностите и сè поскапото секојдневие
Високите трошоци за домување, храна и секојдневни потреби се едни од главните предизвици во Берлин, каде што и покрај развиениот јавен превоз, можностите за работа и организираниот систем, поскапувањето силно се чувствува во семејните буџети.
Жителите со кои разговаравме посочуваат дека најголем товар носат кириите и храната. Секојдневното пазарење, за кое пред десетина години биле доволни околу 50 евра, денес чини 90 до 100 евра, а поскапа е и храната надвор од дома – донерот, некогаш 2,5 до три евра, на некои места денес достигнува девет евра.

Особено тешко се наоѓа достапен стан. Ако пред десетина години месечната кирија изнесувала 700 евра, денес се проценува на околу 1.200 евра. Еден од нашите соговорници вели дека младите сè почесто бараат сместување во источниот дел на градот, но и таму цените се „солени“. Во Фридрихсхајн, кварт во источниот дел на Берлин, кој денес административно припаѓа на округот Фридрихсхајн-Кројцберг, на пример, младите често живеат со цимери или плаќаат околу 700 евра за соба.
Лихтенберг, кој се наоѓа во источниот дел на Берлин, последните години станува сè поинтересен за семејствата што бараат домување надвор од најскапиот градски центар. Во овој округ стан од околу 100 квадратни метри може да надмине 300.000 евра.
Официјалниот берлински индекс на кирии „Митшпигел“ (Mietspiegel) за 2026 година бележи просечна референтна нето-кирија од 7,71 евро за квадратен метар за постојниот фонд (што не ги опфаќа нужно актуелните огласи за изнајмување), а статистиката за октомври 2026 година покажува раст на нето-кириите од 4,9 проценти.

Според официјалните статистички податоци за октомври 2026 година, во Берлин цените на храната бележат намалување од 0,3 отсто на годишно ниво, а безалкохолните пијалаци поскапеле за 1,1 отсто. На ниво на цела Германија, храната поскапела за 0,4 отсто, а безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,6 отсто во споредба со октомври минатата година.

Берлин се соочува и со бездомништвото. Низ улиците на градот забележавме импровизирани живеалишта со поставени шатори, најчесто под мостовите, а некои своето засолниште го изградиле и до црквите во градот.

Според податоците на берлинската сенатска управа, на 31 јануари 2026 година во системот за социјално сместување биле евидентирани 57.575 лица без сопствен дом, при што тука не се вбројуваат оние на улица или кај роднини и пријатели. Последната официјална процена од февруари 2024 година покажала дека во Берлин има 6.032 лица на улица или во импровизирани засолништа, а 2.364 лица биле во таканаречено прикриено бездомништво, односно привремено сместени кај роднини или пријатели, а нови податоци за оваа група се очекуваат кон крајот на годината.
Во разговорите со жителите се чувствува и дека разликите меѓу источниот и западниот дел сè уште живеат во урбаниот идентитет, особено околу Фридрихштрасе со некогашните гранични премини. На крај може да заклучиме, Берлин нуди можности за работа, образование и организиран живот, но секојдневието на жителите останува постојано балансирање меѓу овие можности и цената на животот во градот.

